Обраќање на вицепремиерот Бесими пред ЕП
Ми претставува големо задоволство и чест да ви се обратам денес на оваа седница, на тема „Од сон до реалност: нов поттик за реформските процеси“ и да ја споделам со вас мојата визија и моите ставови за интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија.
Сонот за обединување на Европа почна да станува реалност пред околу 50 години, кога шест мудри европски лидери одлучија да им стават крај на поделбите и разликите меѓу европските земји, кои предизвикаа многу човечки жртви и пустош за време на Втората светска војна.
Иако во тоа време тоа бил тежок чекор, денес можеме слободно да кажеме дека тоа бил вистинскиот избор, кој донесе мир, стабилност и просперитет за Европа и нејзините граѓани и ја направи Европа значаен глобален играч.
Покрај тоа, визијата на оние кои веруваа дека народите на Европа можат да живеат и работат заедно и да ги споделуваат истите вредности беше главна мотивација за многу европски земји да се одлучат да тргнат по тој пат. Ваквата перспектива беше од особена важност за земјите од Источна и Југоисточна Европа, зашто им помогна да се трансформираат во демократски општества.
Република Македонија не е исклучок во овој поглед. Членството во ЕУ веќе подолг период е наш стратешки приоритет и главен двигател на нашата посветеност вредно да работиме и да се посветиме на европеизацијата на нашата држава и општество.
Сите овие години, ние континуирано вложуваме напори да ги спроведеме потребните реформи кои се однесуваат и на политичките и на економските критериуми.
Процесот формално започна во април 2001 година во Луксембург, кога беше потпишан Договорот за стабилизација и асоцијација, кој потоа беше ратификуван од сите земји-членки на ЕУ и кој стапи на сила во април 2004 година. Потоа, во декември 2005 година, Претседателството на Европскиот совет во Брисел на Македонија иж додели кандидатски статус за членство во Европската Унија.
По напредокот постигнат во целосното усогласување со Договорот за стабилизација и асоцијација, исполнувањето на политичките критериуми, спроведувањето на ацљуис и дијалогот за либерализација на безвизниот режим, во октомври 2009 година Европската комисија за првпат препорача започнување на пристапните преговори за полноправно членство на Република Македонија. Оваа препорака се повторува и во наредните три години.
И покрај сложените заклучоци на Генералниот совет од 11 декември 2012 година, напредокот постигнат во областите тесно поврзани со правдата, слободата и безбедноста беше признат од страна на земјите-членки и земјата беше поттикната да продолжи со реформите во овие области. Советот на министри на ЕУ одлучи да воспостави јасна рамка за пристапните преговори со Република Македонија, што е од суштинска важност за нашиот евроинтегративен процес, бидејќи рамката предвидуваше пристапните преговори да започнат врз основа на извештајот кој Европската комисија го изготви во првиот квартал на 2013 година за напредокот во врска со заклучоците на Генералниот совет од декември минатата година.
Покрај ова, би сакал да оддадам признание за конструктивниот пристап на Европската комисија во воспоставувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво, кој се покажа како успешен механизам за реформскиот процес во нашата земја. Овој пристап ни овозможи напредок во спроведувањето на суштинските реформи во петте клучни области: слободата на изразување и професионалните стандарди за новинарите, владеењето на правото и фундаменталните права, реформата на јавната администрација, изборните реформи и зајакнувањето на пазарната економија.
Дами и господа,
Владата на Република Македонија влезе во овој процес со искреност и одлучност да покаже дека имаме и волја и способност да се соочиме со предизвиците и да испорачаме резултати. За ваквата заложба најдобро сведочи фактот дека релевантните државни институции на Република Македонија за кратко време подготвија сеопфатен Патоказ, а подоцна и акциски план со мерки и рокови за оставрување на целите од Пристапниот дијалог.
Дозволете ми во оваа прилика накратко да се осврнам на некои од постигнатите резултати. Во поглед на слободата на изразување и медиумите, ја исполнивме обврската за декриминализација на клеветата и навредата. Понатаму, направивме превод на 70 релевантни пресуди на Европскиот суд за човекови права според член 10 на Европската конвенција за човекови права. Постојано се организираат обуки за примената на член 10 за судиите кои решаваат случаи на клевета. Ќе продолжиме со напорите за да ги решиме преостанатите прашања во однос на слободата на изразување и медиумите, бидејќи тоа е еден од клучните аспекти на секое демократско општество.
На полето на изборните реформи, формиравме Управен комитет на високо ниво, составен од претставници на релевантните државни институции, граѓанското општество и меѓународната заедница. Потоа, беа формирани две работни групи за спроведување на препораките од Конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за измена на изборното законодавство и проверка на Избирачкиот список. Како резултат на ова, беа донесени Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик и Законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на политичките партии. Избирачкиот список беше прочистен од гласачите кои немаат важечки биометриски документи за идентификација, кои беа предуслов за да може да се искористи правото на глас. Локалните избори во 2013 година беа спроведени во согласност со овие измени, а како што беше забележано во прелиминарните наоди на ОБСЕ/ОДИХР, „Локалните избори беа ефикасно спроведени и изразито конкурентни“. Двете работни групи продолжуваат со нивната работа – спроведување на останатите препораки за на тој начин уште повеќе да ја зајакнат правната рамка на изборите во согласност со меѓународните стандарди.
Во областа на владеењето на правото, активностите преземени за подобрување на ефикасноста на судството придонесоа да се намали бројот на заостанати предмети во Врховниот суд, Апелациониот суд во Скопје и Управниот суд. Новиот софтвер за добивање на веродостојна судска статистика е во процес на тестирање и се очекува наскоро да стане функционален. Во поглед на професионализмот на судството, спроведувањето на правните одредби за назначување судии од прва инстанца само од редовите на дипломците на Академијата е завршено, при што од 1 јануари 2013 година Судскиот совет назначува судии во прв степен само од редовите на дипломците на Академијата (во согласност со Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, 150/2010). Во поглед на мерките против корупцијата, забележан е напредок во делот на систематска проверка за новодобиените изјави за конфликтот на интереси на назначените службени лица. Државната комисија за спречување на корупцијата ги провери изјавите за конфликтот на интереси за пратениците во Собранието, избраните владини функционери, функционерите избрани од Собранието и во единиците на локалната самоуправа. Воспоставена е евиденција за нивно следење.
Што се однесува на меѓуетничките односи, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор е клучен приоритет на Владата, бидејќи е тесно поврзан со политичките критериуми. Во април 2013 година беше направена сеопфатна анализа на спроведувањето на Рамковниот договор во изминатите десет години. Таа ќе претставува добра основа за идни политички мерки за дополнително спроведување на Охридскиот рамковен договор како услов за градење на добри меѓуетнички односи во нашата земја засновани на начелата за заемно почитување и градење доверба, кои се воедно признати и како вредности на ЕУ – обединети во различноста.
Дами и господа,
Ние не се залажуваме дека работите во нашата земја се идеални и потполно сме свесни дека имаме уште многу предизвици пред нас кои се многу значајни и сложени. Денес сум овде за да ја споделам нашата сериозна посветеност да покажеме напредок во сите области за нашата интеграција во ЕУ.
Имено, ние и понатаму треба да продолжиме со дијалогот со претставниците на медиумите и да најдеме заеднички решенија за преостанатите отворени прашања. Сè уште треба да одговориме на препораките од Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за изборите со цел да се подобри законската изборна рамка, а лидерите на политички партии кои постигнаа политички договор на 1 март оваа година треба да се фокусираат на неговото спроведување, вклучувајќи го и воспоставувањето и започнувањето со работа на Анкетната комисија за настаните од 24 декември. Добрите меѓуетнички односи и понатаму ќе бидат нашиот клучен приоритет за градење на стабилна и демократска држава.
Добрососедските односи се другиот важен аспект за процесот на интеграција во ЕУ и мојата земја се залага за постојано подобрување на односите со сите нејзини членки и на тој начин за решавање на сите отворени билатерални прашања кои се препрека за интеграцијата во ЕУ или за друг аспект на меѓусебна соработка. Во овој контекст, би сакал да ја изразам мојата благодарност за успешната средба што ја имав со грчкиот министер за надворешни работи, бидејќи проактивниот пристап и искрената комуникација се важни за градење на доверба, што од друга страна се главните предуслови за изнаоѓање заемно прифатливи решенија за секое прашање. Во духот на јакнење на добрососедските односи, мојата намера е да продолжам со оваа практика и да имам средби со колеги од Бугарија и другите земји во регионот.
Во оваа прилика, би сакал да иж честитам на Хрватска за приклучувањето во ЕУ следниот месец, со надеж дека и другите земји од Западен Балкан наскоро ќе го следат нејзиниот пат. Исто така, охрабрувачки сигнал за европската перспектива на Западен Балкан е договорот постигнат помеѓу Косово и Србија.
Дами и господа,
Пристапниот дијалог на високо ниво е добар пример за тоа како можеме заеднички да работиме на реформите, како може да се обезбеди нов ентузијазам и динамика на процесот. Мора да се одржува позитивниот развој во спроведувањето на реформите од европската агенда. Очекуваме Европскиот совет соодветно да го валоризира напредокот и да ја прифати препораката за започнување на пристапните преговори и одредување датум.
Политиката на проширување се покажа како една од најуспешните политики на ЕУ. Тоа е сон што сигурно ќе стане прекрасна реалност за сите европски земји. Интеграцијата на Република Македонија и на другите земји од Западен Балкан во ЕУ е подеднакво важна за самите земји, како и за Европа. Наша заедничка одговорност е да дадеме сè од себе за да се исполни овој сон за обединета и посилна Европа.
Дозволете ми да завршам со цитат од еден од основоположниците на Европската Унија, канцеларот Конрад Аденауер. Тој имал визија за обединета Европа како глобален играч: „Оние земји со богато европско минато, се исто така дел од Европа. И на нив треба да им се даде можност да се приклучат. Европа мора да биде голема; таа мора да има сила и влијание за да се прифатат интересите на меѓународната политичка сцена“.
Сон на нашиот народ е да стане дел од ЕУ, време е овој сон да се оствари.
Ви благодарам!