Џафери на состанок на НАТО во Брисел

Република Македонија дава долгорочен и активен придонес во изградбата на безбедноста и на севкупниот развој на Авганистан, во рамки на силите ИСАФ, придонес кој ќе продолжи и во иднина, истакна министерот за одбрана Талат Џафери на денешниот состанок на министрите за одбрана на земјите во ИСАФ-формат што се одржува во Брисел.

Во обраќањето пред генералниот секретар на НАТО и високите претставници на земјите-учеснички во силите ИСАФ, министерот Џафери подвлече дека Република Македонија е подготвена да даде придонес со експерти и советување во повеќе области, согласно потребите на Авганистан и расположливите капацитети на државата.

Состанокот на министрите за одбрана во ИСАФ формат претставува можност за размена на информации во контекст на прогресот на транзицијата на одговорностите од НАТО на Авганистанските национални безбедносни сили, како и на ангажманот на Алијансата во Авганистан по 2014 година.

Република Македонија  моментно во силите ИСАФ учествува со 153 лица, распоредени на задача за обезбедување на главниот штаб на силите ИСАФ во Кабул, како и за обука на Авганистанската национална армија. Учеството во ИСАФ од 2002 година, со испраќање на двајца офицери во рамки на турскиот контингент, беше првиот придонес на Република Македонија кон мирот и стабилноста надвор од нејзините граници, придонес кој досега еволуираше во над 2.000 македонски мировници, со што Македонија е една од најголемите контрибутори во Авганистан, по глава на жител.