Средба на министерот Никола Попоски со медијаторот Метју Нимиц

Министерот Попоски во Њујорк одржа средба со специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, амбасадорот Метју Нимиц.
Притоа, министерот Попоски ја повтори подготвеноста и интересот на Република Македонија за надминување на наметнатиот проблем со името во рамки на ОН.

“Република Македонија има интерес овој вештачки наметнат спор да биде разрешен и е подготвена да продолжи со конструктивниот пристап во процесот под покровителство на Обединетите нации” истакна Попоски.

 “Во реалноста имаме една страна која наоѓа изговори, не почитува преземени обврски и одолговлекува со цел да не ги поддржи евроинтеграциските процеси во југоисточна Европа, наспроти втората страна која педантно го почитува меѓународното право, сака дијалог и решенија и се заложува за заедничка иднина под европска капа. Покрај реално многу пријателските односи, асиметријата на мотиви е очигледен хендикеп, кој сакаме да биде надминат. Затоа ги повикуваме соседите за заеднички напор кон посветла иднина.”

Надминувањето на овој две децениски спор ќе има позитивно влијание и ќе е од суштинско значење како за Република Македонија и за Република Грција, така и за целиот регион.