Австриската и германската бизнис заедница ќе се запознаат со условите за инвестирање во Македонија

 

Можностите за инвестирање во Република Македонија од утре до четврток ќе бидат претставени во три европски градови од страна на владина делегација предвоена од премиерот Никола Груевски.

Условите за инвестирање ќе бидат презентирани пред бизнис заедниците во Виена, Австрија и Минхен и Дизелдорф во Германија. Ќе бидат претставени активностите што ги презема Владата за подобрување на бизнис климата, поволностите што ги нудат технолошко-индустриските зони, како и активностите за промоција на Македонија како добра дестинација за инвестирање.
 
Австрија е еден од водечките инвеститори во Македонија со прилив на директни инвестиции од 371,9 милиони евра во периодот од 1997 до 2010 година и е на прво место по приливот на странски директни инвестиции од 2005 до 2010 година. Годинава приливот на инвестиции од Австрија изнесува 10 милиони евра. Најголем прилив на австриски капитал во земјава е влезен по пат на приватизација и постприватизација, и тоа во „Кнауф“ Дебар, „Порцеланка“ Велес, ИГМ Пролетер - Виница, како и во трговијата Центро - Скопје.

Во 2007 година со 45 милиони евра инвстиција дојде австриски „Мобилком“ како трет мобилен оператор, а австриски капитал е присутен и во банкарскиот сектор, осигурувањето и други услужни дејности.

Постои голем интерес за влез во енергетскиот сектор, а како целни сектори каде се очекуваат инвестиции од Австрија се автомобилски компоненти, земјоделство и преработка на храна, бизнис услуги и аутсорсинг, фармацевтска индустрија и медицински помагала, енергетика и обновливи извори на енергија, градежништво и недвижности и туризмот и инфраструктурата.

Размената со Австрија во првите седум месеци од годинава изнесува 98.004.000 американски долари, со дефицит на македонска страна. Најмногу извезуваме феросиликоманган, плетена и хеклана постелнина, текстил.., а увезуваме месо, ткаенини од памук и други синтетички влакна, производи за исхрана, новинарска хартија во ролни и листови и слично.

Германските странски директни инвестиции заклучно со 2010 година изнесуваат 71.370.000 евра или 2,98 отсто од вкупните странски директни инвестиции во Македонија. Годинава инвестирани се 0,11 милиони евра. Најголемиот дел од влезот на капиталот е остварен преку приватизација и пост приватизација, главно во текстилната индустрија, металопреработувачката индустрија и во транспортот.