Можноста за волонтирање во Кабинетот на Премиерот и Генералниот секретаријат се шанса за младите и доказ за владината отвореност
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Со цел обезбедување на што поголема вклученост на младите луѓе во работата на државните институции, и со цел на обезбедување на услови младите луѓе да стекнат практични знаења и вештини, да стекнат искуство и контекст од работата на државните институции и да стекнат работно искуство кое ќе ја надополни нивната конкурентност на пазарот на трудот, Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија и Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија распишаа јавен повик за волонтирање во овие институции.
Јавниот повик ќе трае до 21 јуни 2013 година. На него ќе може да конкурираат и да аплицираат студенти кои го дооформуваат своето знаење на терцијарно ниво. Право на учество имаат сите студенти независно од етничка, верска, полова и социјална припадност, или пак политичка ориентација, и независно од годината на студии, а особено студентите на правни, политички, економски и филолошки науки.
Заинтересираните студенти за волонтирање во Канцеларијата на Премиерот и во Генералниот секретаријат до 21 јуни 2013 треба да поднесат до архивата на Владата апликација која ќе содржи мотивациско писмо, куса биографија и фотокопија од нивниот индекс.
Во периодот од 21 јуни до 1 јули ќе бидат разгледувани апликациите на заинтересираните кандидати и ќе бидат повикувани на интервјуа во овие институции. По изборот на кандидатите кои ќе се стекнат со право на волонтирање во институциите, тие ќе ги посетуваат овие институции во периодот од 1 јули до 15 септември 2013 година, ќе вршат делегирани работни задачи согласно програмата и планот за волонтирање, и ќе придонесуваат во реализацијата на политиките и проектите на Владата. Бројот на лица кои ќе волонтираат не е фиксно определен и ќе зависи од бројот на пријавени кандидати, од нивните референци и интерес, но може да се каже дека во овие две институции ќе бидат ангажирани за волонтери неколку десетици лица. За време на своето волонтирање лицата ќе добиваат надомест за волонтирање согласно законот, кој изнесува помеѓу 4000 денари и 4500 денари, што значи дека нема да имаат трошоци во поглед на патување или исхрана или други издатоци во врска со волонтирањето. По завршувањето на волонтирањето, сите волонтери ќе добијат волонтерска книшка, која што има битно значење како референца во нивниот понатамошен професионален и кариерен развој.
Со оваа активност би сакале да испратиме и две општествени пораки.
Прво, дека на овој начин, како и досега, Владата на дело ја практикува политиката на отворени врати, покажува отвореност за граѓаните и доближување на функциите на државата до младите луѓе. На овој оглас сите имаат еднакви шанси и опциите се отворени за секого и зависат од индивидуалните способности, и тој претставува добра алатка за поголема вклученост на младите во работата на институциите.
Второ, со практиката на волонтирање во рамките на Канцеларијата на Премиерот и во Генералниот секретаријат, кои се две значајни, стожерни и централни владини институции, сакаме да дадеме поголема гласност на волонтирањето. Добивме најава дека оваа практика и годинава ќе ја следат, имаат распишано или дополнително ќе распишат повици за волонтирање и Министерството за правда, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство и други институции. На овој начин сакаме да испратиме порака и да ги охрабриме и субјектите од приватниот реален сектор и тие да дадат свој придонес во промоцијата на волонтерството и во давањето шанси на младите за тие на дело и практично да се стекнат со способности за работа. Практиката, која ја реализираме веќе 7 години во Канцеларијата на Премиерот, а секоја година се повеќе се приклучуваат и други државни институции, покажува дека овие студенти кои волонтираат битно придонесуваат во работата на институциите, тие се вложуваат во стекнувањето на нови знаења и вештини, но и значително го помагаат процесот во институциите. Особено во летниот период, кога не студираат и немаат обврски во врска со студиите, младите луѓе заслужуваат да бидат ангажирани и во институциите и во компаниите од приватниот сектор и на тој начин да ја унапредат позицијата на пазарот на трудот.
Владата и во иднина ќе продолжи со мерки и активности чија цел е давањето на шанси на младите луѓе за развој на својот потенцијал, креативност и стекнување на нови знаења и вештини и опции за понатамошен нивен развој.