Средба Груевски - Ансип

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (25 јуни 2013 година) во Талин, Република Естонија оствари средба со г-дин Андрус Ансип, премиер на Естонија.

Двајцата соговорници ги поздравија одличните односи кои постојат меѓу двете земји и кои континуирано се развиваат во духот на пријателството, соработката и меѓусебното почитување. Соговорниците изразија посветеност и заложба на личен ангажман за унапредување на економските односи, зголемување на трговската размена и соработка на полето на инвестициите.

Посебно се разговараше за можностите за воспоставување на конкретна соработка во областа на информатичко-комуникациската технологија, текстилната индустрија, земјоделството и туризмот.

Премиерот Никола Груевски го информираше соговорникот за реформите кои се преземаат во насока на остварување на европската и евроатланската интеграција и се заблагодари на принципиелната поддршка која Естонија ја дава на нашите стратешки определби.

Премиерот на Естонија Ансип истакна дека Естонија и понатаму ќе се залага за реализација на политиката на проширување на ЕУ и политиката на отворени врати на НАТО и дека естонската поддршка на македонските евроатлански интеграции ќе продолжи.

Двајцата премиери разговараа и за модалитетите на модернизација на јавната администрација преку искористување на можностите кои ги нудат информатичките и компјутерските системи и при што беа разгледани посебни реформи кои би можеле да најдат примена во двете земји.

На средбата беше разговарано и за спроведувањето на економските политики и механизмите за надминување на предизвиците од негативните економски текови во насока на обезбедување на услови за консолидација и економски раст и развој.