Груевски-Ли: Билатералните односи одлични, приоритет економската соработка

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски вчера (02.07.2013 година) во Пекинг оствари средба со премиерот на Народна Република Кина, г-дин Кечианг Ли.

Двајцата соговорници констатираа дека добрите политички и пријателски односи меѓу двете држави треба да ги следи динамизирана соработка во повеќе сфери која треба да донесе развој на економските односи како стратешка определба на двете страни.

Премиерот Груевски посочи дека помеѓу двете држави не постојат отворени политички прашања што претставува солидна основа да се посвети внимание на развојот на економската соработка, пред се на полето на трговската размена и инвестициските можности.

Тој истакна дека кај Република Македонија постои интерес за реализација на повеќе инфраструктурни проекти кои се од значење за државата, а во контекст на намерата на НР Кина за алоцирање на 10 милијарди долари како поддршка на проектите за зајакнување на економската соработка со земјите од Централна и Југоисточна Европа.

Премиерот Груевски реафирмирајќи ја заложбата за отворање на посебна технолошко индустриска развојна зона за кинеските компании, го информираше соговорникот дека Република Македонија пет години по ред од страна на Светската Банка во изданието Дуинг бизнис е наведувана како пример за земја топ реформатор со добри услови за водење бизнис, осврнувајќи се и на најнискиот даночен пакет во Европа кој го нуди Македонија, на даночните олеснувања во слободните економски зони, како и на слободниот пристап до 650 милионски пазар кој се обезбедува преку потпишаните договори за слободна трговија со сите земји на континентот Европа.

Премиерот Груевски иницираше скорешен состанок на мешовита македонско - кинеска комисија за економско - трговска соработка, што од страна на премиерот Кечианг Ли беше поздравено и прифатено како добра можност за продлабочена соработка.

Премиерот Груевски посочи дека дополнителна сфера каде може да се постигне поголема соработка е туризмот како поле кое нуди различни аспекти на соработка, и кое може да донесе економски напредок.

Во сферата на културата премиерот Груевски ја поздрави најавата на НР Кина дека набрзо ќе се отвори Институт Конфучие во Република Македонија, кој ќе делува во функција на промоција на кинескиот јазик и култура во нашата земја што дополнително ќе придонесе за зближување и градење на пријателство меѓу двете држави.

Воедно, Премиерот укажа на можноста за јакнење на образовните потенцијали преку размена на студенти со НР Кина и опцијата кинески студенти да студираат на универзитети во Македонија за што Владата доделува стипендии врз основа на објавување на конкурс секоја академска година.

Премиерот на НР Кина, Кечианг Ли се согласи дека добрите и пријателски политички односи  со Македонија  се силна подлога за фокусирање на дополнителен развој на економските односи.

Премиерот Ли оцени дека НР Кина исклучително го цени патот на реформите, напредокот и развојот кој е одбран како клучна определба на Република Македонија, при што посочи дека неговата држава е спремна за поинтензивна трговска и економска размена и се надева и очекува добра искористеност од македонска страна на средствата кои Кина ги нуди како поддршка за реализација на проекти во земјите од Централна и Југоисточна Европа.

Премиерот Кечианг Ли даде политичка поддршка на можностите и опциите за кинески инвестиции во нашата земја и истакна дека лично ќе се заложи и ќе ги охрабри кинеските компании да ги разгледаат инвестициските можности и да ги насочат своите активности кон поголема економска соработка со Македонија.