Владата ќе помага, како полесно до новите ИПАРД програми

Прес - конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

 

Почитувани,

Во насока на остварување на дополнителна поддршка на земјоделството, Владата на Република Македонија одлучи во текот на следната недела Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, да го распише јавниот повик за апликации за добивање на ИПАРД средства за кофинансирање на земјоделски проекти и проекти од областа на руралниот развој.

За овој јавен повик во соработка и со поддршка на Европската Комисија, се издвоени и ќе бидат алоцирани повеќе десетици милиони евра, што дава силен инпут и добра основа за искористување на средства за понатамошен развој на земјоделството. Суштината на овој оглас е дека ќе се подржуваат проекти преку кофинансирање во вредност од 50% од вкупните трошоци кои ги направил земјоделскиот субјект при реализација на проект кој е одобрен.

Со цел обезбедување на поголем одѕив на претстојниот повик, и со цел доближување на можностите до земјоделските субјекти и претпријатија би сакале да информираме околу некои негови детали и аспекти за да може земјоделците да стекнат впечаток и да се запознаат со условите, видот на поддршката, критериумите и слично, за да се охрабрат и да аплицираат за добивање на овие значителни средства кои нудат развој на нивниот деловен потфат.

Со повикот ќе бидат кофинансирани проекти кои спаѓаат во следните мерки:

1. Мерка 101-Инвестиции во земјоделски стопанства, со која се поддржуваат со кофинансирање сите проекти кои имаат поврзаност со примарното земјоделско производство.

2. Мерка 103-Инвестиции во преработка на земјоделски производи, со која се финансираат секундарните сегменти на земјоделско производство, односно преработувачката.

3.Мерката 302-Рурална диверзификација, со која значително се проширува општата основа за кофинансирање на проекти и оди во насока на поддршка на руралниот развој.

На оваа прес конференција би сакале да информираме за условите и критериумите на првите две мерки, односно оние кои го чинат ланецот на земјоделско производство.

Согласно стратешките определби преку овој јавен повик, во врска со овие две мерки, ќе бидат кофинансирани проекти кои значат производство, или пак преработувачка и маркетинг на производи од следните сегменти од земјоделското производство: лозје, овошје, зеленчук, млеко и месо.

1. Прво, во врска со мерката 101 - Инвестиции во земјоделски стопанства, ќе се кофинансираат проекти кои значат:

-обновување и модернизација на лозови насади, на овошни насади и зеленчукови насади

-изградба и/или реконструкција и модернизација на пластеници (со исклучок на тунелски фолии)  и стакленици,

-модернизација на производството на зеленчук на отворено,

-изградба и/или реконструкција на објекти за одгледување на молзни животни (крави, овци и кози),

-изградба и/или реконструкција на објекти за одгледување на свињи, --воспоставување на живинарски капацитети за одгледување на бројлери и модернизација на постоечки и друго

1.1. Конкретно во овие сегметни ќе се кофинансираат инвестиции во:

-обновување на повеќегодишни насади на постоечки површини

-систем за наводнување за ефикасна употреба на водата,

-одржливо користење на енергија од обновливи извори,

-набавка на земјоделски машини и опрема за обработка, заштита, ѓубрење и берба

-поставување на заштитни мрежи или покривки

-недвижен имот кој се однесува на објекти за пост-бербени активности, чување на земјоделски машини и опрема, складирање на производи

-земјоделски објекти наменети за чување на животни, како и помошни простории и објекти за молзење, одгледување на подмладок и оплодување, работни простории, инфраструктура на фармата,

-недвижен имот за складирање на сточна храна, силажа, амбари и силоси за сено и/или жито,  и опрема за истото

-модернизација на системи за молзење, хранење и поење,

-набавка на земјоделска механизација и опрема за одгледување на фуражни и житни култури и ливадски треви, заштита на растенијата, ѓубрење и косење /берба,

-инвестиции во системи за чистење, управување и складирање на шталско ѓубре, вклучувајќи машини и опрема за чистење, управување и складирање на шталско ѓубре и друго

1.2 Корисници на овие средства за кофинансирање на проекти од оваа мерка 101 може да бидат сите земјоделски стопанства независно дали се управувани од физичко или од правно лице. Висината на кофинансирање изнесува покривање на 50% од направените трошоци за инвестицијата. Во поедини случаи постои и можност за зголемување на висината на процентот на кофинансирањето и тоа:

- 55% од прифатените трошоци за ко-финансирање на инвестиции на земјоделски стопанства чиј носител е на возраст од 18-40 години,

- 60% од прифатените трошоци за ко-финансирање на инвестиции на земјоделски стопанства во планински региони

- 65% од прифатените трошоци за ко-финансирање на инвестиции на земјоделски стопанства во планински региони и чиј носител е на возраст од 18-40 години и

- 75% за инвестициски проекти спроведени во региони каде што Комисијата определила дека се случиле исклучителни природни непогоди

2. Второ во врска со мерката 103 – Инвестиции во преработувачка на земјоделски производи и маркетинг на истите ќе се кофинансираат проекти кои значат:

-подобрување на квалитетот на виното

-воспоставување и модернизирање на откупни центри за овошје и зеленчук:

-модернизирање на производствените технологии во капацитетите за преработка на овошје и зеленчук

-воспоставување и модернизирање на собирни центри за млеко и месо

-инвестиции за модернизирање и технолошко осовременување на капацитетите за преработка на млеко и месо

-воспоставување на кланичен капацитет за добиток и живина

-инвестиции за реструктуирање на капацитетите за преработка на месо и друго

2.1 Конкретно во овие сегметни ќе се кофинансираат инвестиции во:

-изградба/реконструкција на производни објекти за вино, производи од овошје и зеленчук

-одржливо користење на енергија од обновливи извори

-набавка и инсталација на опрема и достигнување на стандардите

-инвестиции во опрема за подобрување на квалитетот на виното, овошните и зеленчукови производи

-изградба/реконструкција на објекти за воспоставување или модернизирање на откупни центри за овошје и зеленчук

-опрема наменета за капацитети за собирање, прием, ладење и складирање, како и набавка на опрема за сортирање, собирање, складирање и ладење во откупните места;

-опрема за систем за следење и контрола на квалитетот, лаборатории за тестирање, системи за следливост, пакување и маркетинг на производи, вклучувајќи и софтвер

-воспоставување и технолошко унапредување на капацитетите за собирање, прием, ладење и складирање на млекото и месо

-технолошко унапредување и воведување на современи технологии за прерабоботка на млеко и месо

-инвестиции во објекти и опрема за воспоставување на кланичен капацитет за сточно и живинско месо

2.2 Корисници на овие средства за кофинансирање на проекти од оваа мерка 103 може да бидат само правни лица и тоа мали и средни претпријатија, и задруги. Висината на кофинансирање изнесува покривање на 50% од направените трошоци за инвестицијата

Условите за конкурирање за добивање на кофинансирање на ваков вид на проекти од мерката 101 и од мерката 103 генерално опфаќаат:

-поднесување на барање за кофинансирање до Агенцијата за финансика поддршка на земјоделството и руралниот развој

-приложување на доказ дека ќе се обезбеди континуитет на деловниот потфат во период од следни 5 години, кој за проекти до 50000 евра се докажува со технички проект, а за проекти над 50000 евра со деловен бизнис план

-исполнување на национални стандарди, во врска со законите од земјоделството, животната средина, здравството, урбанизмот, и исполнување на стандардите на Агенцијата за храна и вееринсрство

-подирени обврски кон државата

-доказ за сопственост на земјиште или доказ за долгорочен закуп на земјиште и слично.

По објавувањето на јавниот повик кое треба да се случи во текот на следните денови, рокот за апликација за кофинансирање на проектите ќе изнесува 45 дена, односно јавниот повик ќе трае до крајот на меесец август. Потоа во период од 3-4 месеци ќе се врши евалуација на апликацииите, и по проценките до крајот на годината може да се очекува потпишување на првите догворои а некаде и првите исплати на уделот на кофинансирање.

Апелираме што поголем број на земјоделци и земјоделски претприемачи да се охрабрат и да ја искористат оваа можност, да аплицираат за средства и на тој начин да обезбедат значителна поддршка за развој на својот бизнис, за своја, семејна и егзистенција на врабоптените во капацитетите, но и за отворање на нови работни места и нови вработувања, од што корист ќе има целото општество.