Премиерот Груевски во Виена по поддршка за ЕУ и австриски инвестиции во Македонија
Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска и утре престојува во Австрија каде што ќе бидат презентирани можностите за инвестирање во Република Македонија, како и очекувањата за деблокирање на македонската евроинтеграција и почеток на пристапните преговори со Европската унија.
Во рамки на посетата премиерот Груевски попладнево во Виена ќе има средба со австрискиот канцелар Вернер Фајман, на која ќе бидат претставени реформите, модернизацијата, како и активностите за достигнување на европските и евроатланските стандарди, а се очекува премиерот да потенцира и поедини аспекти и сфери кои имаат влијание на решавање на спорот со името со Грција.
Австрија е традиционален поддржувач на евроатланските интеграции на Македонија, коспонзор на проектот 2014 за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ, како и иницијатор за применување на моделот на скрининг при влезот во ЕУ за земјите од тој регион кои имаат проблем.
Австрија повеќепати преку својот министер за надворешни работи има истакнато дека во однос на спорот со името што Македонија го има со Грција притисокот треба да се насочи кон грчката држава од каде се очекува да се покаже разбирање. На средбата ќе стане збор и за очекувањата од Европскиот совет, при што македонскиот премиер ќе изрази уверување дека е потребно да се даде датум за преговори имајќи го предвид фактот дека ЕК три години по ред ги верифицира нашите реформи и напредокот и препорачува да се почнат претпристапните преговори. Ова е втора средба на премиерот Груевски со Фајман. Тој се сретна со австрискиот канцелар и во 2010 година во Салцбург.
На средбата ќе бидат посочени и можностите за унапредување на економската и трговската соработка. Ќе биде напомената можноста за соработка на полето на пазарите на капитал, а ќе ги претстави и реформите кои значат креирање поволна бизнис клима, привлекување инвестиции и креирање нови работни места.
Можностите кои Македонија ги нуди за привлекување странски инвестиции, премиерот Груевски попладне ќе ги претстави на завршната заедничка сесија „Перспективите по 8. Виенски економски форум“.
За време на престојот во Виена вечер македонскиот премиер ќе има средби и во Федерацијата на австриската индустрија, а утре ќе учествува и ќе се обрати на Македонско-австрискиот бизнис форум и ќе се сретне со претседателот на Стопанската комора на Австрија Кристоф Лајтл.
Австрија е еден од водечките инвеститори во Македонија со прилив на директни инвестиции од 371,9 милиони евра во периодот од 1997 до 2010 година и е на прво место по приливот на странски директни инвестиции од 2005 до 2010 година. Годинава приливот на инвестиции од Австрија изнесува 10 милиони евра. Најголем прилив на австриски капитал во земјава е влезен по пат на приватизација и постприватијазција, и тоа во „Кнауф“ Дебар, „Порцеланка“ Велес, ИГМ Пролетер - Виница, како и во трговијата Центро - Скопје. Во 2007 година со 45 милиони евра инвестиција дојде австриски „Мобилком“ како трет мобилен оператор, а австриски капитал е присутен и во банкарскиот сектор, осигирувањето и други услужни дејности. Постои голем интерес за влез во енергетскиот сектор, а како целни сектори каде се очекуваат инвестиции од Австрија се автомобилски компоненти, земјоделство и преработка на храна, бизнис услуги и аутсорсинг, фармацевтска индустрија и медицински помагала, енергетика и обновливи извори на енергија, градежништво и недвижности и туризмот и инфрастрктурата.
Размената со Австрија во првите седум месеци од годинава изнесува 98.004.000 американски долари, со дефицит на македонска страна. Најмногу извезуваме феросиликоманган, плетена и хеклана постелнина, текстил.., а увезуваме месо, ткаенини од памук и други синтентички влакна, производи за исхрана, новинарска хартија во ролни и листови и слично.