Во Скопје отворена приватна детска градинка, инвестиција на индиски Цел Глобал

Во скопската општина Карпош денеска беше отворена приватната Детска градинка „Сент Пол“, инвестиција на индиската компанија Цел Глобал.

- Ова е прв бебешки чекор на Цел Глобал во Македонија, но, секако не последен. Како компанија имаме инвестициско портфолио кое планираме да го реализираме во Македонија и на Балканот. Одлучивме Македонија да биде образовен центар од каде ќе се шириме, рече Амриш Чандра генерален менаџер на Цел Глобал.

Министерот Диме Спасов, кој присуствуваше на отворањето на градинката, истакна дека ова е прва реализирана инвестиција на меѓународната компанија Цел Глобал. која, како што рече, има сериозни намери за инвестирање во образовниот систем во Македонија.

Појасни дека станува збор за приватна установа за згрижување деца од предучилишна воздраст. Во неа ќе можат да бидат згрижени пеесеттина деца.

- Еден од основните приоритети на МТСП и на Владата е постојано унапредување на системот за згрижување и воспитување деца од предучилишна возраст. Во таа насока континуирано работиме на проширување на капацитетите и подобрување на политиките и квалитетот на детската заштита. Само на ваков начин со мотивирање на приватниот сектор од една страна и со континуирано инвестирање на државата и општините од друга страна може значително да се унапреди заштитата и грижата за децата од предучилишна возраст, рече Спасов.

Во системот за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст во Мкаедонија има четири приватни детски градинки, од кои три во Скопје и една во Гостивар.

Згрижувањето и воспитанието на деца од предучилишна возраст се остварува во 55 јавни установи - детски градинки. Во нив се згрижени 27.308 деца од предучилишна возраст.