Средба на премиерот Груевски и словенечкиот претседател Пахор
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 17.07.2013 година) оствари средба и работен ручек со претседателот на Република Словенија, г-дин Борут Пахор.
Пред средбата премиерот Груевски и словенечкиот претседател Пахор остварија прошетка во централното градско подрачје на Скопје и Старата скопска чаршија.
На средбата беа констатирани одличните односи кои постојат помеѓу двете земји кои бележат континуиран развој и се карактеризираат со пријателство и остварување на дијалог на највисоко ниво.
Беше изразена заедничка заложба за дополнително унапредување на економската соработка, зголемување на трговската размена и соработката на полето на инвестициите.
Беа акцентирани значајноста и поддршката на реализацијата на стратешките определби на Република Македонија за полноправно членство во Европската Унија и во НАТО.
Соговорниците разменија мислења и за повеќе други теми кои се од интерес на билатералната и мултилатералната соработка на двете земји.