Средба на премиерот Груевски со тимот на проектот "Бабини игри"
С О О П Ш Т Е Н И Е
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со г-ѓа Марина Василева, автор на проектот “Бабини Игри“, г-дин Добри Јовевски, главен ИТ координатор на проектот “Бабини Игри“, г-ѓа Влора Адеми, менаџер на Мајкрософт Партнери во Учењето и главен координатор на проектот “Бабини Игри“, и г-дин Илијанчо Гаговски, генерален директор на Мајкрософт во Македонија.
На средбата претседателот Груевски беше информиран за целокупниот тек на активности преку кои проектот “Бабини Игри” го постигна огромниот успех најпрво во Република Македонија, потоа во Европа каде што е освоено првото место, а на крај и на светскиот натпревар на иновативни наставници во организација на Мајкрософт, каде што во конкуренција на проекти од 67 земји е освоено второто место.
Авторката на проектот, г-ѓа Василева го запозна претседателот Груевски со универзалната идеја со која малку подзаборавените стари игри како челик, кибритче, завор, плочка, џамлија, прстенче и мижи-баба, на еден иновативен начин, преку користење на современите информатички технологии, се ставаат во функција на учењето, односно се прави спој на играта со учењето. Таа истакна дека успехот на проектот произлегува и од тоа што во него биле вклучени повеќе наставници и училишта од цела Македонија.
Претседателот Груевски изрази честитки до тимот и огромно задоволство од постигнатиот успех со кој Република Македонија се афирмира на светско ниво, особено во сферата на образованието и информатичките технологии, при што, истакна дека овој проект треба да служи како пример за сите наставници во Република Македонија, како на еден креативен начин информатичките технологии може да се стават во функција на унапредување на образовниот процес. Воедно, претседателот Груевски ја искажа заложбата и потребата проектот “Бабини Игри“ да се стави во функција на наставата во сите училишта во државата.
Реализацијата на проектот “Бабини Игри“ претставува резултат и е во рамки на потпишаниот меморандум за соработка помеѓу Министерството за образование и наука и Мајкрософт.