„Сахара груп“ ја почна реорганизацијата на агрокомбинатот „Џумајлија“

Индиската компанија „Сахара Груп“ денеска со индиски и православни обичаи за бериќетна работа официјално ја започна реализацијата на проектот за реорганизација на агрокомбинатот „Џумајлија“, инвестиција вредна над 200 милиони евра.

Во следните три години планирано е „Сахара Груп“ да изгради регионален млекопреработувачки капацитет со фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма од 20.000 грла говеда во која ќе се произведуваат 80.000 литри млеко дневно.

За еден месец ќе започне изградбата на објектите за сместување на добитокот, а за една година се очекува да биде пласирано првото млеко од оваа млекарница на македонскиот пазар.

Инвестицијата на „Сахара Груп“ ќе обезбеди вработување на околу 2.000 лица, а според надлежните со овој проект ќе се задоволат потребите на домашниот пазар со млеко и млечни производи и сточна храна.

- Проектот на „Сахара Груп“ за инвестирање во македонското земјоделство и посебно во млекопроизводството од денес станува реалност. Тоа е најголемиот проект, најголемата инвестиција во македонското земјоделство во последните 25 години. Оваа инвестиција на „Сахара Груп“ во Овчеполието ќе претставува препород за регионите на Лозово, Свети Николе, на целото Овчеполие. Во најдобрите денови на агрокомбинатот „Џумајлија“ имаше околу 500 вработувања креирани во земјоделството. Очекуваме врз основа на договорот којшто го потпишавме во вкупно три години да бидат реализирани околу 2.000 директни вработувања, а секако ќе има индиректни ефекти, односно индиректни вработувања кои ќе ги донесе овој проект, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Според него, оваа инвестиција освен средства ќе донесе и знаење кое е потребно за подигнување на конкурентноста на македонското земјоделство.

- Спојот на плодната македонска земја и квалитетот на производството што го нуди Индија во делот на земјоделството ќе придонесе македонските земјоделски производи да имаат поголема конкурентност и приносите да бидат поголеми за околу 30 проценти во однос на сегашните, како и да се произведува квалитетно млеко кое ќе биде нов извозен производ за Република Македонија, рече Ставрески.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски оцени дека проектот претставува потврда на заложбите на Владата во обезбедувањето услови за влез на странскиот капитал и сериозно инвестирање во регионите каде што тоа е најпотребно.

- Покрај ревитализацијата на најзначајните, но запустени производни капацитети на бившиот агрокомбинат „Џумајлија“, според договорот за закуп кој со одлука на Владата е склучен со Министерството за земјоделство, инвестицијата при постигнување на полниот капацитет во предвидениот период од три години треба да даде значителен придонес во развојот на млечниот сектор преку нови количини производство на млеко од 80.000 литри на дневна основа и производство на сточна храна од 75.000 тони годишно, нагласи Димовски.

Генералниот менаџер на „Сахара Груп“ А. П. Сина рече дека имаат капацитет да го реализираат проектот и да ги исполнат ветувањата дадени пред македонските граѓани и пред Владата.

„Сахара Груп“ го доби земјоделското земјиште во пропаднатиот агрокомбинат на концесија од 15 години со можност за продолжување, а закупот што треба да го плаќа годишно е 121.000 евра. „Џумајлија“ е вториот најголем агрокомбинат во Македонија. Поседува 6.000 хектари обработливо земјиште и 6.000 хектари пасишта. Пред да пропадне годишно произведуваше над 20.000 тони житни и фуражни култури.