Форуми за работодавачи во 28 општини до крајот на септември

Најсоодветните активни мерки за поттикнување на вработувањето и  квалификации на кадрите што му се потребни на приватниот сектор ќе бидат предмет на дебата на заеднички форуми на работодавачи со претставници на Агенцијата за вработување и на Националниот совет за конкурентност.

Такви форуми до 30 септември ќе се одржат  во 28 општини, со учество на  околу 400 работодавачи во рамки на проектот „Форуми на работодавачите“.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска го претстави проектот „Форуми за работодавачи“ истакнувајќи дека целта е да се зголеми информираноста на работодавачите за  активните мерки  и програми кои треба да поттикнат  нови вработувања, да се разменат искуства и преку директен контакт да се увидат потребите на приватниот сектор. 

- Да воспоставиме поголема  поврзаност со приватните компании за идните проекти кои ќе ги реализираме  во насока на зајакнување  на врската помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд. Ќе се разменуваат  и идеи и предлози за прилагодување на  политиките и програмите за вработување согласно потребите на  работодавачите кои ќе бидат дел од оперативниот  план за активни мерки за вработување, рече министерот Спасов.

Форумите, додаде, ќе придонесат за јакнење на социјалниот  дијалог помеѓу работодавачите, единиците на локалната самоуправа и државните институции на  локално ниво.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски истакна дека станува збор за една од клучните мерки со кои Министерството и Агенцијата се приближуваат конкретно до работодавачите. 

- Преку националното тело кое ни помага во организација на овие форуми ќе се обидеме да добиеме информации  од работодавачите какви мерки им требаат во иднина  за зголемување на вработувањата и какви квалификации бараат од нив за да можат да ги вработат, односно  која активна мерка би била најсоодветна за нив. Ќе се обидеме најконкретно  да одговориме на сите нивни барања и во иднина  да ги претставиме преку оперативниот план на Владата, односно да најдеме соодветни  работници преку посредување од Агенцијата за вработување, рече Попоски.

Според директорката на Центарот за вработување во Скопје Слободанка Трајковска, работодавачите на форумите ќе се информираат за можностите што можат да ги искористат за креирање нови работни места. - Така  ќе можат да ги планираат своите човечки ресурси за наредната календарска година со цел зголемување на интересот  и апликациите при искористување на новите активни мерки за вработување и остварување што  е можно повеќе вработувања на  невработените во Македонија, појасни Трајковска.