Премиерот Груевски се сретна со претседателот на Сенатот на Канада, Кинсела

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 04.09.2013 година) оствари средба со г-дин Ноел Кинсела, претседател на Сенатот на Канада.

На средбата беа истакнати одличните  односи кои постојат меѓу двете пријателски земји, и беше изразена посветеност за нивно континуирано развивање и унапредување.

Соговорниците разговараа за можностите за продлабочување на економските односи, зголемувањето на економската соработка и трговската размена и соработката на полето на инвестициите, за што има поволни услови и законска регулатива.

Двете страни изразија интерес за унапредување на договорната правна рамка меѓу двете држави за што особено позитивно би влијаело потпишувањето на Спогодбата за заемна заштита на инвестициите и Спогодба за одбегнување на двојно оданочување, како и Спогодбата за воздушен сообраќај.

Премиерот Груевски изрази благодарност до г-дин Кинсела за поддршката на македонските евроатлански интеграции и принципиелните позиции на Канада во однос на реализација на нашите стратешки определби и го истакна долгорочниот интерес на Р. Македонија за севкупно интензивирање на политичкиот дијалог, како и натамошна блиска соработка со Канада, во сите полиња од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Премиерот искажа иницијатива за разгледување на можностите за либерализација на канадскиот визен режим кон Република Македонија, и за олеснување на процедурите за добивање визи за нашите граѓани за што од битно значење е отворањето на канцеларија на Канада во нашата земја каде што граѓаните  ќе можат да аплицираат за канадска виза.

Претседателот на македонската Влада го запозна својот гостин со реформите и со нашите активности за европска и евроатланска интеграција и напорите кои што ги преземаме за надминување на отвореното прашање со Грција, а исто така го запозна гостинот за придонесот на нашата држава во мировните операции на НАТО.

Претседателот на канадскиот Сенат Кинсела ја истакна канадската поддршка на нашата земја.

Г-дин Кинсела ја искажа заинтересираноста за унапредување на соработката во областа на образованието и мобилноста на младите да можат да патуваат во Канада каде што би се стекнале со работно искуство. Тој искажа позитивна оценка од напредокот на Република Македонија во реформите.

Соговорниците ја поздравија и успешната парламентарна соработка меѓу двете земји, како и формирањето на парламентарна група за пријателство со Македонија во канадскиот Парламент и изразија посветеност за понатамошно унапредување на меѓусебната соработка во сите сфери од заеднички интерес.