Груевски: Реформа на инспекциските служби за подобар економски амбиент

Владата на Република Македонија е стратешки ориентирана кон спроведување на континуирани, длабоки и суштински реформи, во секоја сфера од општеството чија што единствена цел е унапредување на состојбите во општествените сфери, подобрување на правниот интерес на субјектите и овозможување на услови за функционалност на секој субјект. Притоа суштинска компонента во нашите активности при спроведувањето на реформите е достојно, прецизно и конкретно почитување на вредностите.

На минатата седница Владата ги разгледуваше и по аргументирано согледување на материјата усвои три крупни закони или измени и дополнувања на закони и тоа: Законот за инспекциските надзори, Законот за прекршоците и Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Овие три закони заокружуваат една целина и на многу квалитетен начин уредуваат значајни области во општеството. Тие се базирани на правдата и правичноста, на иницијативноста, на заштитата на правата и интересите на субјектите, а во својата суштина предвидуваат норми кои го пропагираат и знаењето и личните способности  како услов за извршување на одредена професија како најдобри гаранции за квалитетот во работата. Со овие закони се креира предвидливо опкружување, и јасен приказ на правата и слободите од една страна, но и обврските и одговорностите, и тоа на сите субјекти кои партиципираат во сферите, и креираат гарантирани можности за општеството и неговиот развој доколку се почитуваат од сите субјекти.

Овие закони, покрај што се од интерес за функционирање на редот и поредокот, даваат и можности и ги унапредуваат условите за функционирање на економските субјекти, намалуваат одредени трошоци,  создаваат порелаксирана атмосфера за економските субјекти, и ја подобруваат заштитата на правата и интересите на граѓаните.

Дозволете да се осврнам на дел од деталите, а останатите аспекти ќе бидат транспарентно промовирани од страна на институциите во следните периоди, се со цел осознавањето на новата материја да биде во интерес и само во интерес на субјектите, на граѓаните, на компаниите и на државата:

Прво, за Законот за инспекцискиот надзор

Функционирањето на инспекциските служби е од исклучителна важност за успешното остварување на надлежностите на извршната власт затоа што преку нив извршната власт го следи и контролира имплементирањето на прописите од страна на сите субјекти на кои тие прописи се однесуваат. На тој начин извршната власт остварува дел од функциите на редот и поредокот, за кои што граѓаните и меѓудругото и ја дале и довербата. Таа секогаш дејствува во интерес на граѓаните, за да се почитува законот, зашто со почитување на законот се отстрануваат аномалиите и се овозможуваат еднакви шанси и опции за секого, без привилегии, без протекционизам, без самоволие и волунтаризам, и значително го стеснуваат просторот за корупција и мито, односно претставуваат и сериозна алатка во борбата со корупцијата и со митото.

Инспекциските служби треба да придонесат од една страна за доследно извршување на позитивната законска регулатива во државата, но истовремено да бидат во функција на заштита на слободите и правата на правните и на физичките лица. Од тие причини, нивната ефикасност и ажурност во функционирањето е поставена како еден од клучните приоритети на Владата на Република Македонија, која на минатата седница го утврди текстот на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор.

Со овој предлог-закон, за прв пат во Република Македонија се  основа една нова институција - Инспекциски Совет, како посебно правно лице, кое ќе се грижи за квалитетот на работата на инспекциските служби и квалитетот на работата на секој инспектор поединечно.

Согласно предложеното решение, Инспекцискиот совет ќе се конституира во рок од 3 месеци од донесување на овој закон, а законот ќе почне да се применува во рок од 6 месеци од неговото донесување.

Инспекцискиот Совет:

-           ќе воспостави стандарди за работа на инспекциските служби;

-           ќе ги хармонизира постапките за вршење на инспекциски надзор и ќе ги регулира правата и обврските на инспекторите и на субјектите на надзорот;

-           ќе ја регулира организацијата и раководењето на инспекциските служби преку следење на финансиското работење, кадровската и техничката екипираност;

-           ќе воспостави стандарди за етичко и професионално однесување на инспекторите;

-           ќе ги следи најновите светски трендови во областа на инспекциските постапки, ќе воспостави меѓународна соработка и ќе работи на усогласување на националната со европската легислатива од областа на инспекцискиот надзор.

 

Инспекцискиот Совет ќе биде составен од Претседател и шест члена кои ќе покриваат различни области од инспекциското работење, групирани во шест категории и тоа:

-           еден член од областа на надзорот на пазарот, работните односи и безбедноста на здравјето при работа;

-           еден член на инспекцискиот совет од областа на животната средина и заштита на здравјето на луѓето;

-           еден член на инспекцискиот совет од областа на градежништвото, урбанизмот и транспортот;

-           еден член на инспекцискиот совет од областа на земјоделието, шумарството, ветеринарството и безбедноста на храната;

-           еден член на инспекцискиот совет од областа на образованието, науката и културата; и

-           еден член на инспекцискиот совет од областа на управата.

Инспекцискиот совет ќе има две постојани работни тела, и тоа:

- Работно тело за утврдување на ефективноста, ефикасноста и квалитетот на инспекциските  служби и,

- Работно тело за образование, усовршување и обука, како и ад - хок  работни тела, согласно актуелните потреби на Советот.

 

Во овие работни тела ќе членуваат директорите и раководителите на инспекциските служби, но и истакнати претставници на научната и на стручната јавност, во зависност од делокругот на работа на работното тело.

Советот ќе има и своја стручна служба, која ќе претставува стручна, техничка и логистичка поддршка на активностите на Инспекцискиот совет.

 

Инспекцискиот совет за својата работа и за работата на инспекциските служби ќе ја известува Владата на Република Македонија четири пати годишно и по потреба.

Но работата на Инспекцискиот совет ќе биде транспарентна и за јавноста, при што истиот ќе одржува јавна седница најмалку еднаш месечно и ќе расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правните лица за работата на инспекторите и инспекциските служби. Дополнително, ќе се воспостави информативна веб страница и бесплатен телефонски број на кои ќе се пријавуваат неправилностите, недостатоците, ненавременото постапување или корупција во врска со работата на инспекторите и инспекциските служби. 

Инспекцискиот совет ќе може самостојно да издаде налог за вршење на инспекциски надзор над работата на определен субјект до директорот на инспекторатот, односно раководното службено лице на инспекциската служба и тоа: по барање на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка како второстепен орган, кога тоа е потребно заради целосно утврдување на фактичката состојба; по пристигната иницијатива за надзор до Инспекцискиот совет; или по службена должност кога има потреба од спроведување на координиран инспекциски надзор од страна на повеќе инспекциски служби.

Важно е да се истакне, како една од најзначајните придобивки за приватниот сектор, воведувањето на координирани надзори од страна на  инспекциските служби кои се регулирани со овој закон. Тоа значи дека правните субјекти во иднина нема да бидат подложни на чести редовни надзори од страна на различни инспекторати, туку истите ќе бидат координирани и во една компанија редовните  надзори ќе се вршат едновремено. На тој начин ќе се надминат забелешките од страна на компаниите, дека честите надзори предизвикуваат застој во нивното работење и им одземаат време и ресурси кои им биле планирани за реализација на нивните тековни обврски.

Сепак, една од најважните придобивки со измените на овој закон е и подигањето на критериумите за стекнување со звањето инспектор. Со новото решение се предвидува воведување на лиценца за инспектор, преку полагање на компјутерски испит за инспектор, кој се состои од проверка на теоретските и практичните знаења  и  тоа во областа на општата управна постапка; инспекциската постапка; прекршочната постапка; и посебната постапка од областа на инспекциската служба за која се издава лиценцата за инспектор; како и опис на индивидуален случај од областа инспекциската служба за која се издава лиценцата за инспектор, и прашања кои кандидатот треба да ги одговори врз основа на анализата на случајот а кои произлегуваат од посебната постапка од областа на инспекциската служба за која се издава лиценцата за инспектор.

Полагањето на испитот ќе биде транспарентно, истиот ќе се снима и во живо се ќе емитува на веб страницата на Инспекцискиот совет, а резултатите од испитот ќе се пресметуваат автоматски и ќе се објавуваат веднаш по завршување на испитот. Лиценцата за инспектор нема да биде доживотна, туку ќе има важност од 5 години, што значи дека по истекот на важноста инспекторот е должен истата да ја обнови преку повторно полагање на испитот за инспектор, а чија содржина ќе биде континуирано ажурирана да ги следи актуелните законски прописи.

На ваков начин само најстручните и најкомпетентните кандидати ќе имаат можност да бидат дел од оваа престижна професија – инспектор, при што стручноста и компетентноста треба да бидат и дополнително подржани со доказ за поседување на меѓународно признат сертификат за работа со компјутерски програми за канцелариско работење. Оваа одредба е во насока на подобрување на уредноста во водењето на списите на предметите, квалитетот на писменото изразување на инспекторите и обврската за водењето на записници и решенија во електронски формат.

 

Барањето за позитивно мислење за соодветност за работното место инспектор, преку полагање на психолошки тест и тест за интегритет, е од исклучителна важност за утврдување на совесноста, чесноста и интегритетот на инспекторот во насока на професионализација на службата и минимизирање на можноста за мито и корупција.

Инспекторите ќе бидат континуирано обучувани и стручно усовршувани, но и нивната работа ќе биде следена преку воведување на систем за управување со успешност. Целта на следењето на успешноста на инспекторите е јакнење на личната мотивација на инспекторите, зајакнување на ефикасноста и професионалноста при вршењето на инспекциските надзори, како и можност за професионално напредување во службата. Еднаш годишно, инспекторите ќе бидат оценувани согласно воспоставените квантитативни и квалитативни критериуми за успешност. Квантитативната оценка на секој инспектор се добива согласно методологија која ги пресметува бројот на субјектите кои се предмет на надзорот, обемот на прописи кои се предмет на надзорот, времето потребно за вршење на надзорот, висината на глобата која може да се изрече за недостатоците утврдени при надзорот, и тоа во однос на вредноста на планирани надзори и вредноста на извршени надзори од за секој квартал. Квалитативната оценка за успешност на секој инспектор се пресметува преку почитувањето на законските рокови за изготвување на записниците и донесување на решенијата; односот меѓу бројот на потврдени или укинати решенија со вкупниот број на решенија; и начинот на водењето на записници и решенија во електронски формат, уредноста во водењето на предметите кои се во работа кај инспекторот и квалитетот на писменото изразување на инспекторот.

Во зависност од годишната оценка за успешност, инспекторот може да добие решение за зголемување на плататa, намалување на платата или предлог за поведување на дисциплинска постапка, што значи дека само успешните инспектори ќе имаат можност да го задржат работното место и да напредуваат во кариерата.

Акцент на одговорноста е ставен не само на инспекторите, туку и на претседателот и членовите на Инспекцискиот совет, на функционерите, директорите и раководителите на инспекциските служби кои, доколку не ги почитуваат одредбите од законот, исто така се подложни на прекршочни казни, во вид на глоби, и во определени случаи, губење на функциите и работните места.

Воведувањето на овие новини во Законот за инспекциски надзор ќе придонесат за обезбедување на еднакви и рамноправни услови за работа на правните лица во насока на создавање на фер пазарна конкуренција и поволна бизнис околина, ќе го подигнат нивото на  професионализам на вработените во инспекциските служби, ќе ја намалат недовербата на физичките и правните лица во однос на владеењето на правото, ќе ја намалат корупцијата и сивата економија и ќе го подигнат кредибилитетот на демократскиот систем во целина.

Второ, целта на Законот за прекршоците е да се зајакнат  основните принципи кои се однесуваат на  итноста,  брзината и економичноста на постапката. Истовремено, со донесувањето на новиот Закон за прекршоците ќе се изврши негово усогласување со Законот за кривичната постапка кој  ќе започне да се применува на 01.12.2013 година. Тој нуди систематско средување на областа на постапување по оваа материја, и нуди поголем број на новини кои се од интерeс за субјектите кои партиципираат, меѓу кои и следните новини:

Една од предложените новини се однесува на забрзаните постапки односно издавање на мандатен и прекршочен платен налог. Вакви одредби имаше и во претходните законски решенија, но со овој нов закон истите се доуредени и допрецизирани. Нивната примена ќе овозможи избегнување на водење на прекршочна постапка пред прекршочен орган или суд. Со тоа постапките ќе завршуваат побрзо и поекономично, а на сторителите на прекршоците нема да им бидат наплатувани трошоци за водење на постапка.

           

Во рамките на овој сет на новини поврзани со забрзаните постапки, една од мерките преку кои ќе се постигнат наведените принципи на побрза, поефикасна и поекономична постапка е новината што мандатниот платен налог ќе има сила на извршна исправа. Имено тој  ќе биде издаван за прекршоци од полесен вид, кога  прекршокот е утврден на лице место со непосреден увид на службено лице или со помош на технички средства. Ваквата мерка е исто така во насока на побрза, поефикасна и поекономична постапка, како основни принципи на овој закон.

Со воведувањето одредби за општокорисна работа, се овозможува замена на глобата со општокорисна работа. На овој начин посебен акцент се става на подобрување на позицијата за сторителите на прекршоци кои припаѓаат на социјално ранливи категории или се лица со ниски  приходи, бидејќи се ослободуваат од плаќање на глоба, а сепак се остварува генералната и специјалната превенција што е и цел на законот.

Исто така, а во контекст на најновите трендови за воведување а информатичка технологија во судството се и одредбите кои се однесуваат  на електронската достава која веќе е воведена со Законот за парничната постапка и Законот за кривичната постапка. Со почетокот на функционирањето на електронската достава во прекршочната постапка значително ќе се забрза постапката, а истовремено ќе се намалат трошоците за печатење на списите по предметите.

Покрај останатите новини дефинирани се и условите за водење на  скратена постапка согласно новините предвидени и во Законот за кривичната постапка. Имено, заради ефикасност во постапувањето и одлучувањето, судовите и прекршочните органи ќе можат да донесуваат одлуки без испитување на обвинетиот кога тој бил уредно повикан, а не се јавил и не доставил доказ за оправдана спреченост за непојавување пред органот или судот, а во барањето за поведување на прекршочна постапка се содржани сите факти и докази врз основа на кои може да се одлучи и без присуство на странките.

Исто така, скратена постапка може да се води и во случаите кога сторителот бил затечен при извршување на прекршокот од страна на овластено службено лице.

Во овој Предлог закон за прв пат како странка во постапката покрај оштетениот може да се појави и жртвата. Согасно одредбите од Законот за кривична постапка жртва е секое лице кое претрпело штета, вклучувајќи физичка или ментална повреда, емотивно страдање, материјална загуба или друга повреда или загрозување на неговите права и интереси како последица на сторен прекршок. Оштетен пак е лице чие право е повредено или загрозено со прекршок. Жртвата има право да учествува во постапката како оштетен, заради надомест на штета, со што за првпат се дава можност на овие лица да ги остварат своите права кои им се загрозени со одреден прекршок. 

Видовите пак на прекршочни санкции се дополнети со уште еден вид санкција – Задолжително психијатриско лекување на слобода. Ваквата санкција е предвидена за сторители на прекршоци кои во време на сторување на прекршокот биле во состојба на непресметливост или битно намалена пресметливост. Во овие случаи судот може да ја изрече оваа санкција ако оцени дека поради ваквата состојба на сторителот може повторно да стори прекршок, а за отстранување на опасноста доволно е негово лекување на слобода.

 

Со новиот закон прекршочната санкција – Забрана на вршење професија, дејност или должност согласно овој закон може да се изрече како самостојна санкција, односно се напушта досегашното решение според кое оваа санкција може да се изрече само како дополнителна санкција со претходно изречена глоба. Исто така, забраната може да се замени со паричен надоместок. Ваквото решение е особено поволно од причина што е оставена можност сторителот да одлучи дали ќе ја прифати забраната или ќе ја откупи со паричен надоместок и ќе продолжи со вршење на дејноста.

Направена е измена и во делот на спогодувањето односно посредувањето. Спогодбата за договорената глоба направена помеѓу сторителите (физички и правни лица) има сила на извршна исправа, од причина што спогодувањето ќе се прави пред посебна комисија формирана во органите, а до постигнување на спогодбата потребна е целосна согласност од сторителот на прекршокот.

 

Новина е и што за одредени прекршоци определени со закон глобата може да биде изразена и во процентуален износ од 1 – 10% од вкупните приходи на правното лице остварени во претходната година. Ваквото решение ги изедначува сторителите пред законот, нешто што цениме дека во досегашната пракса не беше случај, бидејќи праксата покажа дека иста висина на глоба беше изрекувана на правни лица кои остваруваа огромни приходи во текот на една фискална година и на оние со минимални приходи. На овој начин ќе се постигне  сразмерност во санкционирањето.

Истовремено, она што е многу битно е дека со законот се пропишани кратки рокови за постапување на судовите и прекршочните органи (комисиите). Должината на роковите за постапување на прекршочните органи се предвидени во зависност од висината на пропишаната глоба за конкретни прекршоци. Имено, доколку се работи за прекршоци за кои е предвидена пониска глоба (прекршоци од полесен вид) роковите за постапување ќе бидат пократки во однос на оние за потежок вид прекршоци за кои се предвидени повисоки глоби или други прекршочни санкции. Поконкретно, за прекршоци за кои е предвидена глоба до 15.000 евра, рокот за постапување е 2 месеци, а над 15.000 евра – 3 месеци. И судовите имаат рок за постапување - 3 месеци за судот во прв степен и 2 месеци во втор степен.

И трето, заради обезбедување на принципот на правичност и правда, и за обезбедување на услови за двостепеност при правното постапување, а со цел подобрување на интересите и правата на граѓаните и субјектите и нивна заштита Владата го усвои и текстот на Предлог законот за основање на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Во правниот систем на Република Македонија, до сега не беше регулирано правото на жалба против одлуките за прекршок што се донесени од  орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, кога со закон е пропишано тие да одлучуваат во прекршочна постапка. Во овие случаи лицето против кое е донесена таквата одлука имаше право директно да заведе управен спор. Со таквото решение Управниот суд беше доведен во ситуација постојано да прима тужби против одлуки за прекршоци, кои се во огромен број и не може навремено да бидат решени. Со цел да се надмине ваквата состојба, како и да им се овозможи право на жалба на граѓаните и во одлуки донесени во прекршочна постапка пред тело кое ќе биде специјализирано за таа област и кое поефикасно ќе ги решава жалбите потребно е да се формира Државна комисија која се покажа како ефикасно решение во однос на одлучувањето во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Во однос на одлучувањето во втор степен во  областа на инспекцискиот надзор, досега беше предвидено во вакви случаи жалба да се поднесува до функционерот кој раководи со органот во чии рамки се наоѓа инспекциската служба која го донела инспекцискиот акт, а функционерот има обврска да формира комисија составена од три члена која ќе решава по овие жалби. Меѓутоа со ваквото решение не се запазува начелото на деволутивност при решавање во постапка по жалба, особено во оние инспекциски служби кои се формирани како организациони единици затоа што во основа истиот орган решава и во прв и во втор степен.

Од тие и други причини, Владата на минатата седница го утврди текстот на Предлог законот, со кој се воспоставува Државната комисија како посебно правно лице кое ќе решава во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, при што од една страна ќе им се гарантира на правните и физичките лица правото на жалба против наведените одлуки, а од друга страна ќе се овозможи поголема ефикасност, економичност и стручност на решавањето на истите.

Согласно предложеното решение, Државната комисија ќе се конституира и ќе почне со работа во рок од 6 месеци од донесување на законот за нејзино формирање.

Комисијата е предвидено да постапува во точно определени рокови. Имено, Комисијата одлучува во  рок  од 30 дена од денот на комплетирањето на списите на предметот, а непостапувањето во овој рок повлекува започнување на постапката „молчење на администрацијата“ која веќе е интегрирана во голем број закони во правниот систем на Република Македонија.

 

Почитувани,

Длабоко сме убедени дека со заокружувањето на ова правна рамка ќе се обезбедат подобри услови за граѓаните и за субјектите, ќе се креира подобра правна клима и ќе се обезбедат правила на фер игра. На тој начин најдобро ќе го заштитиме заедничкиот интерес на сите граѓани, а тоа е да имаме еднакви услови, да сме еднакви во правата и во обврските, да го почитуваме законот и да се заштитиме од девијациите.

На овој начин одиме еден чекор понапред во практикувањето на правдата и достигнуваме повисоки стандарди кои се и од битно значење за нашите аспирации за европска и евроатлантска иднина.

Истовремено ќе го подобриме и економскиот амбиент и ќе придонесеме за заштита на интересот на компаниите, силно ќе удриме по аномалиите кои се појавуваат како и во секоја држава а се поврзани со обиди за елементи за корупција, и ќе го спречиме однесувањето кое се базира повеќе на уцени, а помалку на закони.

Дополнително ќе придонесеме и за намалување на трошоци за граѓаните и компаниите, но и за државата преку креацијата на ефикасен, ефективен и продуктивен систем кој ќе функционира за граѓаните.

Ние и во иднина ќе продолжиме со нашите мерки, активности, напори и заложби за реформи, се со цел подобрување на иднината на граѓаните. Овој сегмент кој денес го регулираме на посоодветно, повисоко и поправично, и се разбира поквалитетно ниво ќе значи многу за граѓаните, а материјата која ја усвоивме ќе ги исполни целите за кои е поставена.

Македонија ќе продолжи да чекори напред во спроведувањето на стандардите.