Владата распиша јавен повик за партиципација на граѓани во управни и надзорни органи
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Владата на Република Македонија денеска распиша Јавен повик за пројавување на интерес за ангажирање на лица во управни и надзорни одбори во институциите за кои именувањето е во директна или индиректна надлежност на Владата.
Ова е ваков прв јавен повик за пополнување на управните и надзорните одбори во историјата на државата, тоа не е наша законска обврска но со цел на промоција на политиката на отвореност и со цел да се обезбедат можности за сите граѓани да аплицираат и да се стекнат со можност да се кандидираат или пак да бидат именувани на овие позиции го распишуваме повикот.
Со овој повик, заедно со претходно објавените повици за ангажирање на лица на раководно ниво на централно, и вториот повик за ангажирање на лица на раководно ниво на локално ниво, значително се проширува основата, бројот и обемот на раководни позиции кои Владата сака да ги пополни со најстручни и најкомпетентни лица од државата.
Ова е и јасна демонстрација на нашата политика на отворени врати, и на давањето на еднакви шанси и можности за сите граѓани на нашата земја да може да напредуваат во кариерата исклучиво врз основа на нивните индивидуални способности, и да може со тој нивен чекор да придонесат во реализација на политиките на Владата, во реализација на плановите и програмите на институциите и општо во напредокот на државата.
Јавниот повик ќе трае до 25 септември оваа година, период во кој секој граѓанин кој поседува соодветни квалификации за членство во управните и надзорните одбори кои се предмет на повикот ќе може на многу едноставен начин да аплицира и да се кандидира. Кандидатите треба да поднесат апликација во која ќе наведат за која позиција аплицираат, лична биографија на најмногу 5 страници, доказ за своето образование, и доколку поседуваат дополнителни уверенија, сертификати, дипломи, кои ќе служат како поткрепа на нивните способности. Јавниот повик е објавен на веб страната на Владата и секој граѓанин може поподробно да се запознае со него.
Во овој јавен повик се предвидени околу шеесетина позиции за членови на управни и надзорни одбори, при што се опфатени повеќе институции, и тоа и од областа на енергетиката, ЕЛЕМ, Државната лотарија, Централниот Регистар, поголем број на институции од областа на социјалната политика, од областа на транспортот и од областа на здравството.
Кандидатите треба да ги исполнуваат законските услови за кандидирање кои исто така се објавени на јавниот повик, а кај здравствените институции треба да се исполнува уште еден услов а тоа е дека лицата кои аплицираат не треба да бидат роднински или капитално поврзани со правните лица, односно компаниите кои вршат промет со лекови, медицински помагала, медицинска опрема или промет за останати потреби за здравствениот сектор.
Аплицирањето може да се изврши на два начина, или со директна или поштенска достава на писмените поднесоци на адреса на Владата, или по електронски пат на следната електронска адреса upravniinadzorniodbori@gs.gov.mk.
Писмените поднесоци на кандидатите кои аплицираат во прва фаза ќе бидат проверени,а потоа тие ќе бидат повикувани и на интервјуа со цел и непосредно да се запознаеме со нив, да ги увидиме нивните капацитети, и да ги слушнеме нивните идеи, визии, проекти и концепти. Некои од кандидатите за некои од позициите ќе бидат подложени и на тестирања од областа за која аплицираат.
Секоја граѓанин кој поседува способности, знаење и вештини, кој има верба во себе и способностите, мотив и желба да придонесе за развојот на државата е повеќе од добредојден. Апелираме во што поголем број граѓаните да се одзвиваат на повикот. Сите имаат еднакви шанси без разлика на нивната национална и верска припадност, политичка ориентација, пол, имотен статус, или други лични карактеристики. Секој обид пак за лобирање или протекционизам ќе се смета за неверување во сопствените способности и ќе биде негативно оценет.
Владата и во иднина ќе продолжи со политиката на отвореност и мобилизација на граѓаните во врска со можностите за управување со процесите и нивна вклученост во истите.