Премиерот Груевски и министерот Ристовски ја пуштија во употреба новата лабораториска опрема во битолската болница
Почитувани,
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и министерот за образование и наука, г-дин Спиро Ристовски денеска (7.09.2013 година) во Битола ја пуштија во употреба новата лабораториска опрема сместена во битолската болница како дел од апаратурата на високата медицинска школа при Универзитетот „Свети Климент Охридски“.
Опремата е во вкупна вредност од 28 300 000 денари. Со средства од Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука обезбедени се четири нови инструменти со мултипликативен карактер кој се дел од постоечката хемиско-биохемиска лабораторија. Нивната практична примена е во повеќе сфери како во агрокултурата и екологијата, така и во фармацијата и современата медицина.
Со новата опрема ќе се овозможи, хемиска и биохемиска анализа на смеси и соединенија, како крв во медицината, земја и воздух кој се значајни за прехранбената индустрија. Во сферата на земјоделието ќе се овозможи хемиска анализа на почвата и растенијата, а во екологијата ќе се овозможува анализа на воздухот и степенот на загаденоста.
Оваа опрема ќе се користи за научни цели, а се става на располагање и на стопанството и приватниот сектор каде заинтересираните субјекти ќе можат да вршат истражувања значајни за нивното работење.
Опремата е дел од инвестициите на Министерството за образование и наука за техничко- инфраструктурно опремување на високообразовни и јавни установи низ државата.
Владата и во иднина ќе продолжи со својата темелна заложба за развој и инвестиции во нова опрема за образовни и научни цели. Со ваквите инвестиции се подобрува квалитетот на образовниот процес, но истите се користат и за потребите на приватниот сектор излегувајќи во пресрет на нивните потреби.