Дипломатскиот кор засади дрвца на Водно
Претставниците на дипломатскиот кор во Македонија заедно со вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи и министерот за надворешни работи Никола Попоски, денеска засадија дрвца на Средно Водно како најава за претстојната акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“ што ќе се одржи в среда.
- Се работи за традиција која се надевам дека ќе можеме да ја продолжиме и во иднина. Мала димензија коа е поврзана со нашите аспираци да бидеме дел од поширокото европско семејство е да ја подигнеме свеста за животната средина, изјави министерот Попоски по засадувањето на садниците.
Тој како добра комбинација на иницијатива од невладин сектор поддржана од Владата ја оцени акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“ преку која во наредните неколку дена ќе се засадат повеќе од пет милиони дрвца.
- Се надевам дека ќе можеме да ги поттикнеме и во иднина и да го развиеме овој тип на активности во поголем обем и во повеќе домени, рече Попоски.
Словенечкиот амбасадор во Македонија Ален Брајан Бергант истакна дека ја поддржува акцијата која, како што рече, е многу позитивна за земјава, но и за регионот.
- Денеска прв пат има толку многу амбасадори собрани на едно место. Ова е позитивна акција за Македонија и се надевам дека набрзо ќе се прошири не само во Западен Балкан, туку и пошироко во Европа, па дури и да прерасне во светска глобална акција, рече Бергант.