Договорен проект за турско-македонска недела на здравството

Проект за Турско-македонска недела на здравството која би се организирала во април идната година ќе биде изготвен, а идејата е доктори од Турција да дојдат во Македонија и една недела да работат со македонските доктори. Ова синоќа на средба во турскиот град Чешме го договорија министрите за здравство на Македонија и на Турција, Никола Тодоров и Мехмет Муезиноглу, јави известувачот на МИА.

- Ќе дојдат врвни турски доктори кои ќе работат на интервенции и методи кои не се изведуваат во Македонија, интервенции кои се изведуваат во мал број или се во почетна фаза, изјави Тодоров.

Договоривме, посочи министерот, да се формираат два тима, едниот од македонското, а другиот од турското Министерство за здравство, кои треба во наредниот период интензивно да работат и да го договорат целиот акциски план, односно сите детали околу реализирањето на овој проект.

- Целта е да се овозможи трансфер на знаења, вештини, но и ставови од турски врвни доктори на нивните македонски колеги и тоа за интервенции или методи кои во Република Македонија не се работат. Проектот треба да овозможи подигнување на нивото на квалитет на знаења и вештини на македонските лекари, а со тоа и подигнување на нивото на квалитет на македонското здравство, истакна Тодоров.

Нагласи дека планот е да дојдат врвни турски доктори кои изведуваат многу сложени интервенции и се познати по нив во Турција, Европа и пошироко.

- Идејата е македонските лекари да работат со нив, да воспостават личен контакт, да соработуваат и таа соработка постојано да се унапредува, додаде министерот Тодоров.

Тој денеска во Чешме ќе се обрати на 63. Годишна сесија на Регионалниот комитет на Светската здравствена организација за Европа.