Честитка од премиерот Груевски по повод 22 ноември - Денот на албанската азбука

                    Почитувани припадници на албанската етничка заедница,

                    Дозволете ми, во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам 22 ноември - Денот на албанската азбука.

                    Јазикот од секогаш бил основна алатка за комуникацијата помеѓу луѓето, негувач на традициите и чувар на идентитетот. Азбуката пак од своја страна е нераскинлив дел од јазикот кој обезбедува негов графички приказ и негово вистинско отелотворување во јавноста. Токму затоа, самиот чин на создавање на азбука е чин кој има високо цивилизациско значење за секој еден народ, за секоја една култура и идентитетска посебност во денешницата.

               Од таму, 22 ноември - Денот на создавањето на албанската азбука, денес се празнува од албанската етничка заедница во Република Македонија. Во нашето општество, јазиците од секогаш биле мост на сплотување, како во историјата, така и денес кога албанската азбука и јазик се нераскинлив дел од јазичната разноликост и духовно богатство на Република Македонија. Наше право, чест и обврска, е таквата разноликост да ја почитуваме, негуваме и празнуваме. 

                  Нека Ви е честит 22 ноември - Денот на албанската азбука!

                 Со почит,

Никола ГРУЕВСКИ