Министерот Спасов во Охрид го отвори првото регионално советувалиште за брак и семејство
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска престојуваше во работна посета на Центарот за социјална работа во Охрид, каде го отвори првото од 11-те предвидени регионални советувалишта за брак и семејство.
- Центарот за социјални грижи во Охрид е подготвен да започне функцијата на новото советувалиште, кое ќе функционира на доброволна основа, а ќе дава бесплатни услуги на граѓаните со цел да се надминат проблемите во бракот и семејството, истакна Спасов.
Покрај надминување на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните во рамки на семејството, исто така советувалиштето ќе работи и на помирување на односите меѓу брачните другари.
- Во самите советувалишта ќе бидат и можат да бидат вклучени и сите оние граѓани кои стапуваат во брак, за да се запознаат со нивните права и обврски. Дополнително ова советувалиште верувам дека ќе придонесе на намалување на бројот разводи во Република Македонија.
Проектот беше инициран пред еден месец, веќе почнува неговата реализација, спроведени се потребните обуки на кадрите, а стручните лица вклучени во нив ќе бидат практично најискусните кадри од центрите за социјална работа.
- Во иднина овој проект продолжува со отворање на преостанатите десет предвидени вакви советувалишта во центрите за социјална работа во поголемите градски средини во земјата, рече Спасовски.
Тој изрази очекување дека со овој проект ќе се влијае и врз надминување на проблемот со наталитетот во земјата, односно зголемување на бројот новородени деца.
- Ние како Министерство за труд и социјална политика како и нашите Центри за социјална работа, преку ваквите проекти имаме намера да бидеме што поблиску до граѓаните, во насока на надминување на нивните несогласувања како во бракот така и во семејствата, но и подобрување на семејните односи и обезбедување здрава средина за развој на сите деца во земјата, додаде тој.
Директорот на Центарот за социјална работа Екрем Каљоши истака дека бројот разводи во Охрид годишно изнесува околу 40, без поголеми поголеми отстапувања.
- Стручните работници на центарот постојано работат на односната проблематика и преку совети се обидуваат да им помогнат на брачните партнери да ги надминат проблемите и несогласувањата, додаде тој.
Советувалиштето за брак и семејство ќе биде составено од соодветен стручен кадар, од педагог, социјален работник, психолози и правник.