Премиерот Никола Груевски во работна посета на Соединетите Американски Држави
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, од вчера, понеделник, 23.09.2013 година до сабота, 28.09.2013 година ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави.
Во рамки на престојот премиерот Груевски ќе ја предводи државната делегација која ќе присуствува на Генералното Собрание на Обединетите Нации каде што и ќе се обрати, ќе присуствува и ќе се обрати на повеќе бизнис форуми за презентација на можностите и поволностите кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори, и ќе се оствари посета на повеќе американски медицински установи во насока на овозможување на соработка со македонските здравствени институции. За разни аспекти на активностите во рамки на посетата, во поедини периоди и во различни градови, премиерот Груевски ќе биде придружуван од членови на Владата, и директори на владини институции. Владините претставници покрај заедничката со премиерот, имаат и посебни агенди за остварување на повеќе други средби или активности во рамките и на политичкиот и на економскиот дел на посетата, и во делот на остварување на соработка на ниво на здравствени установи.
Претседателот на Владата Груевски, ќе ја предводи делегацијата на Република Македонија која ќе присуствува на 68-то Генерално Собрание на Организацијата на Обединетите Нации. Премиерот Груевски вчера присуствуваше на приемот на шефовите на делегациите учесници на 68-то Генерално Собрание на ООН кој го организираше американскиот претседател Барак Обама. Премиерот Груевски ќе се обрати на Генералното Собрание на ООН во петок на 27.09.2013 година.
Како друг дел од посетата на САД, владина делегација во која покрај премиерот Груевски, се и заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министрите за привлекување странски инвестиции Веле Самак и Џери Наумоф, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, и владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форуми во градовите Принстон, Чикаго и Бостон каде што пред претставници на американски компании ќе бидат презентирани можностите за инвестиции во Македонија и поволностите кои нашата земја ги нуди за странските инвеститори.
Делегацијата ќе оствари и повеќе поединечни средби со претставници и менаџерски тимови на американски компании кои се потенцијални инвеститори во нашата земја, како и со останати субјекти од САД кои учествуваат во сферата на економијата.
Во рамки на посетата на САД, премиерот Груевски во придружба на министерот за здравство Никола Тодоров, ќе оствари посета на повеќе медицински центри, болници и здравствени капацитети во Принстон, Чикаго и Бостон, и ќе оствари средба со менаџерските тимови на истите, во насока на разгледување на можностите за остварување на соработка помеѓу македонските и американските здравствени установи или конкретизација на соработката како резултат на претходно остварени контакти.
За активностите на премиерот и членовите на Владата во рамки на посетата ќе биде овозможено редовно информирање од страна на прес службата на Владата на Република Македонија.