Министерот Ристовски ја посети општина Крива Паланка

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска во рамки работниот престој во Крива Паланка, го посети ООУ „Илинден“, каде во училишната библиотека беа доставени 201 книга во рамки на проектот на Владата и Министерството за култура „Превод на литературни дела на добитници на Нобелова награда за литература“.

- Со донацијата на овие светски бестселери и нобеловци во основните училишта се доближува врвната светска литература до учениците и наставниците. Ова уште еднаш ги потврдува заложбите на Владата и Министерството за образование за подигнување на нивото на воспитно-образовниот процес во Македонија, изјави Ристовски.

По обиколката на училиштето министерот истакна дека ООУ „Илинден“ е едно од неколкуте основни училишта во регионот со исклучително високи структурни стандарди.

- Благодарни сме што МОН континуирано ги поддржува заложбите за развој и унапредување на наставниот процес во прилог на реформите на образованието кои ги имплементираме со нашата заедничка соработка. Минатата учебна година добивме и електронска табла од Министерството која придонесува за реализација на посовремена настава, изјави директорот на ООУ „Илинден“, Оливер Дејановски.   

Ристовски се сретна и со градоначалникот на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, со претставници од раководните сектори од општината како и со раководители на повеќе јавни установи од градот.