Пуштен во употреба новиот затвор во Куманово

Премиерот Никола Груевски денеска присуствуваше на отворањето на новиот објект на Казнено-поправниот дом во Куманово во село К`шање, со вкупна површина од над 5.000 метри квадратни и капацитет од 250 лица. Целокупната инвестиција за изградба на оваа установа изнесува околу 234 милиони денари.

Ваквата инвестиција, како што рече на отворањето премиерот Груевски, е дел од капиталниот проект на Владата на Република Македонија за изградба и реконструкција на казнено-поправните установи во земјата кој тежи вкупно 52 милиони евра.

- Значајно е да спомне дека установата има свој посебен систем за затоплување, посебен систем за водоснабдување, како и сончеви колектори за загревање на санитарната вода за потребите на кујната и бањите за осудените лица, рече Груевски и додаде дека целиот затворски комплекс е ограден со ограда висока 4 метри, а во установата е вградена и најсовремена техничка апаратура за видеонадзор.

Премиерот истакна дека се обезбедени сите услови да се минимизира потребата од персонал од затворското обезбедување со што, како што рече, се овозможени услови затворскиот персонал во голема мерка да се концентрира на корективни активности со цел што поуспешна ресоцијализација и социјална адаптација на осудените лица.

Затворот „Куманово“ е комплетно нова современа казнено-поправна установа од полуотворен вид во чии рамки, како што посочи премиерот, функционира и отвореното одделение во Крива Паланка. Првата фаза од изградбата на оваа установа, како што потсети, се одвиваше во периодот од 2008 до 2009 година во која се изгради затворската зграда, трафостаницата и пречистителната станица за што беа издвоени 72 милиони денари.

- Реализацијата на втората фаза започна во 2011 и притоа беа изградени посебен дел за прием и контрола на лица и пратки, дел за администрација, матично одделение за прием, регистрација и архива, гаража и енергетски блок, простории за остварување посети на осудените и притворените лица, посебна амбуланта, кујна, трпезарија и перална, посебна просторија за задоволување на верските потреби, работилница за работно ангажирање на осудените лица, како и спортски терени за спортување и одржување на физичкото здравје на затворениците, рече Груевски.

Министерот за правда Блерим Беџети истакна дека сите реформски активности кои се спроведуваат се во насока на проширување на капацитетите и подобрување на условите за престој на осудените лица во затворските установи, како и за подобрување на процесот на ресоцијализација на осудените лица и јакнење на капацитетот на персоналот во казнено-поправните установи.

- Изградбата на затворот „Куманово“ е дел од активностите во рамки на проектот за реконструкција на КПУ. Тоа е исклучително значаен проект кој е поддржан со заем од Банката за развој на Советот на Европа и буџетски средства на РМ. Во неговите рамки се опфатени изградбата на КПД „Идризово“, која започна во текот на овој месец, изградбата на малолетничката установа Воспитно-поправен дом во Тетово, како и изградбата и реконструкцијата на затворот „Скопје“, истакна Беџети.

Во однос на подобрувањето на процесот ресоцијализација на осудените лица, како што посочи Беџети, воспоставени се посебни процедури за работа на персоналот во затворите.

- Најголемиот дел од планираните активности во стратегијата за ресоцијализација и социјална адаптација на осудените лица кои издржуваат казна затвор се реализирани во временски утврдените рокови, додаде Беџети.

Директорката на Управата за извршување санкции Лидија Гавриловска меѓу другото посочи дека од особена важност за процесот на ресоцијализација и едукација на осудените лица е тоа што се обезбедени простории за работилници во кои работно ќе бидат ангажирани осудените лица, а обезбеден е и едукативен центар за спроведување на образовниот процес и едукација на осудените лица.

Таа напомена дека при изградбата на затворот „Куманово“, освен за осудените лица, воделе посебна грижа и за условите за работа на затворскиот персонал за чии потреби опремени се посебни канцеларии и чајна кујна.

На отворањето на затворот „Куманово“ присуствуваа и претседателката на Судскиот совет на РМ Александра Зафировска, Народниот правобранител Иџет Мемети, државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, поранешниот министер за правда Михајло Маневски и голем број претставници на државните институции и судската власт во Република Македонија.