Меѓународно признати квалификации на сметководители од јавниот сектор
Сметководители во јавниот сектор денеска добија сертификати за финансиски менаџмент со што се стекнаа со меѓународно призната професионална квалификација. Тие поминаа обука и полагаа испити преку програмата за таа намена што ја спроведува Министерството за финансии во соработка со љубљанскиот Центар за развој на финансиите (ЦЕФ) и лондонскиот овластен Институт за јавни финансии и сметководство (ЦИПФА).
Сертификатите ги доделија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и Алчександра Текиашким, програмски менаџер на Центарот за развој на финансии.
Според Ставрески, преку обуките се подобруваат знаењата на вработените и ефикасноста во функционирањето на системот. Управувањето со јавните финансии, укажа, е секогаш значајно, а особено во услови на економска криза кога треба да се знае за што е потрошен секој денар и на каков начин.
- Во тој контекст постојаното зголемување на квалитетот на јавната администрација во сите сегменти особено во делот на сметководството е значајно за Македонија поради процесот на интегрирање во ЕУ и достигнување стандарди во управувањето со јавните финансии, како и ефикасно користење на јавните средства и отчет за нивното користење, рече Ставрески.
Претставничката на ЦЕФ Текиашким им порача на сметководителите дека нивната професија игра значајна улога во подобрување на системот на управување со јавните финансии и оти ги поставува добрите практики во сметководството во јавниот сектор, придонесувајќи во борбата против корупцијата и непотребните трошоци.
Преку програмата за обука за сертифицирање на сметководители во јавниот сектор се поддржува унапредувањата на сметководствениот систем и стандардите во јавниот сектор во земјите од Југоисточна Европа. Обуките во Македонија ќе продолжат и во следниот период со поддршка на Светската банка и Централноевропската иницијатива.