Ставрески:Двоцифрениот раст во градежништвото резултат на капиталните инвестиции

Градежништвото ќе има директна корист од предвидениот рекорден износ од 22,5 милијарди денари за капитални инвестиции во наредната година. Инвестирањето во градежништвото, кое годинава бележи раст од 34 проценти, е причината што тоа во изминативе години има двоцифрени стапки на раст.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Прилеп, додавајќи дека во  Македонија во изминативе неколку години се градеше, а така ќе биде и во иднина.

- Ние сакаме силно да инвестираме во капитални проекти, бидејќи само така може да се подобрат инфраструктурните услови, да се подобри стандардот  на граѓаните, квалитетот на животот, но и да се поддржи домашното стопанство и фирмите кои работат во градежништвото како што се „Гранит“, „Бетон“ и сите други помали подизведувачи кои учествуваат во бројни капитални проекти, финансирсани од буџетот на Република Македонија, изјави Ставрески.

Тој додаде дека растот на градежништвото од 34 проценти е постигнат во ситуација кога во цела Европа има проблеми и стапките се негативни. Според него, тоа покажува дека овој период се поддржаа фирмите кои работат директно во градежништвото, но и фирмите кои работат во малата индустрија и се снабдувачи на материјали и опрема за градежните компании што ги изведуваат главните градежни работи. - Станува збор  за стотици македонски фирми кои имаат директна корист  од порастот на капитални инвестиции, рече Ставрески. 

Реализацијата на капиталните проекти во земјава, според него, ќе ја овозможат и инвестициите за јавни патишта и оние на ЕЛЕМ, МЕПСО и на останатите претпријатија кои се надвор од буџетот.