Министерот Димовски пошумуваше во Кратовско
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска во рамки на есенската акција за пошумување „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“ пошумуваше кај месноста Присое во општина Кратово.
Оваа локација ќе се пошуми со 10 илјади садници. Министерот посочи дека Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и голем број институции, ја поддржале осмата акција за пошумување.
- Во есенската акција, според планираното, треба да се посадат околу шест милиони садници, со што уште еднаш ќе покажеме дека зачувувањето на природата и на шумите е еден од нашите приоритети, изјави Димовски.
Кампањата за пошумување, како што рече министерот, е потврда на фактот дека со секоја нова акција се зголемува и свеста на граѓаните за важноста на шумите и за нивното зачувување.
Мотото на есенската кампања за пошумување е „Испраќаме писмо на љубовта, почитта и пријателството - засади мир, пријателство и љубов“.