Современ водовод за жителите на Волково и Кисела Јабука

Современ водовод денеска добија над илјада жители од скопските населби Волково и Кисела Јабука со финиширањето на проектот за секундарна мрежа за водоснабдување.

Инвестицијата во вредност од околу 200 илјади евра е реализирана преку проектот за водоснабдување и одведување отпадни води што се спроведува во соработка со Европската инвестициска банка.

На свеченото пуштање во употреба денеска присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски и градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митревски.

Вицепремиерот Ставрески оцени дека капиталните инвестиции што се реализираат се наменети за подобрување на животот на граѓаните. 

Вкупна должина на водоводната мрежа е 3.151 метри, а изведувач на работите беше фирмата Енергомонт, која на терен работеше 10 месеци.