Во центарот на Скопје откриен стан за дистрибуција на дрога
Полицијата вчера првпат во изнајмен стан центарот на Скопје, што служел како место за дистрибуција на дрога, пронајде над 12 килограми марихуана, три килограми хероин, 1.600 грама амфетамин и 1.100 таблети слични на екстази, кои ги продавале како вистински екстази. Вредноста на запленетите количини на наркотична дрога на нарко пазарот, при улична продажба, би достигнала цена од околу 360.000 евра. За овој случај приведени се три лица во полициската станица „Гази Баба3“. До Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде поднесена кривична пријава против лицата Д.Е.(64) од Куманово, К.Р.(22) од Скопје, М.И.(21) од Скопје, за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”.
Се работи за криминална група од Македонија, која се занимавала со организирање транспорти на поголеми количини хероин од Турција, марихуана од Албанија и синтетичка дрога од Бугарија, од кои помал дел останува за домашниот нарко пазар, а поголем дел е наменет за нарко пазарот во земјите во регионот и во Западно европските земји.
- Ова беше активност на МВР каде одреден период лицата беа под опсервација меѓутоа транспортот односно прибавувањето на хероинот се случи токму вчера. Затоа проценивме дека тоа е вистинскиот момент да се пресече оваа група, изјави министерката за вантрешни работи Јанакулоска денеска по почетокот на проектот за намалување и сузбивање тешки кражби за патнички моторни возила на подрачјето на главниот град, во општина Аеродром.
Посебната мобилна единица за борба против уличен криминал „АЛФИ“, синоќа околу 20,20 часот на крстосницата на бул.„Партизански одреди“ и бул.„Маркс и Енгелс“ запреле возило „Опел Вектра“ со скопски регистерски ознаки управувано од М.И., а како сопатници во возилото биле лицата Е.Д. и Р.К. По претходно обезбедена наредба од Истражен судија, извршен е претрес во возилото при што зад возачкото седиште е пронајдено едно полиетиленско кесе, во кое имало прашкаста материја светло кафеава боја со тежина од околу еден килограм. МВР соопшти дека е извршен претрес во стан на ул.„Коста Шахов“ во Скопје кој Р.К. го земал под закуп, а за кои постоеја сознанија дека се користи за складирање, препакување и дистрибуција на дрогата. При претресот се пронајдени 4 пакувања со елипсовидна форма, облепени со широка селотејп лента, исполнети со прашкаста материја (светло кафена боја), 12 полиетиленски кеси (од кои 8 сместени во куфер) облепени со широка селотејп лента исполнети со зелена растителна марерија, 12 полиетиленски ќеси со бела материја (во тврда и прашкаста состојба), 6 полиетиленски паковања со вкупно 1396 таблети (зелена боја) со втиснато лого „јаболче“, една дигитална вага марка „Хама“, како и еден пиштол марка „Екол Туна“ - Застава, калибар 6,35 мм со една рамка соодветна за истиот, 50 (педесет) куршуми калибар 22 ЛР и една рамка за пиштол.
Според добиени оперативни сознанија во текот на истрагата, Р.К. и М.И. се договориле со Д.Е. да им организира купопродажба на наркотична дрога хероин, за што заминале во Турција каде што од лице од Истамбул набавиле 3 килограми хероин, го донеле во Македонија и го однеле во изнајмениот станот што Р.К. го користел како место за чување и препакување на наркотична дрога. Пронајдените полиетиленски кеси во возилото и во станот се предадени во Одделот за криминалистичка техника на МВР заради вештачење.