Премиерот Груевски се сретна со почесните конзули на Македонија во странство
Денеска (09.10.2013 година) во Охрид, Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски придружуван од потпретседателот на Владата г-дин Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи г-дин Никола Поповски, г-дин Миле Јанакиевски и министрите без ресор задолжени за привлекување на странски инвестиции г-дин Бил Павлевски и г-дин Џери Наумоф остварија средба со почесните конзули на Република Македонија во странство на која беа промовирани инвестициските можности на Република Македонија.
Премиерот Груевски посочи дека Владата е силно посветена на привлекување на инвестиции преку овозможување на поволни услови кои ќе овозможат развој и оплодување на добивката на инвеститорите и отворање на нови работни места. За да се реализира таквата цел Премиерот Груевски посочи дека Владата презема системски реформи и прави искрени напори за овозможување на развој.
За таа цел беше воведена единствена стапка од само 10% на персоналниот данок на доход и данок на добивка, беше направено ослободување од оданочување на задржаната добивка, и направено е драстично намалување на административниот и регулаторен товар за водење бизнис, посочи премиерот Груевски
Од страна на Премиерот Груевски беа истакнати можностите за инвестирање кои им стојат на располагање на инвеститорите во отворените технолошки индустриски развојни зони кој на заинтересираните им нудат низа поволности како што се ослободување на данокот на добивка и данокот на доход во првите 10 години, даночно ослободување од реинвестирана добивка и ослободување од административни такси. Премиерот Груевски посочи дека во зависност на инвестицијата Владата дава субвенција за уредување на земјиштето кое се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години.
Премиерот Груевски истакна дека резултатите од овие политики се видливи, а показател за тоа е скокот од седум места кој го забележа Македонија во Извештајот за конкурентност на Светскиот економски форум. Позитивни оцени за севкупните економските перформанси на Република Македонија и за бизнис климата во земјата, во услови на светска економска и европска должничка криза, бележат и други меѓународно релевантни институции, агенции и весници кои се занимаваат со мониторинг, статистика, анализа, рангирање и предвидување на економските параметри на земјите. Така, Европската Комисија, Светската банка, Меѓународниот Монетарен Фонд, агенцијата Фич и повеќе други организации ја позиционираат Македонија како една од економиите кои имаат одлични показатели и напредок во многу полиња од областа на бизнисот, посочи премиерот Груевски.
Премиерот Груевски истакна дека привлекувањето на финансиски капитал е невозможно без постоење на конкурентен човечки капитал, и за таа цел е направено проширување на пристапот кон високо образование (особено во областите како математика, природни науки и информатичка технологија) како и значително зголемување на употребата на компјутери и интернет во државните училишта и на универзитетите.
Премиерот Груевски испрати порака до почесните конзули да ги промовираат инвестициските можности на државата и да работат на зајакнување на политичките односи со државите каде престојуваат.
Потпретседателот на Владата г-дин Владимир Пешевски во своето обраќање пред почесните конзули истакна дека Македонија располага со стабилна макроекономска политика, стабилна валута, низок степен на инфлација, како и низок државен долг. Истовремено Пешевски истакна дека Владата овозможи да се регистрира фирма за само еден ден, се направија реформи во катастарот со кој се олесни процесот на бизнис со недвижнини, се намалија и скратија голем број на процедури преку реализација на реформата административна гилотина со цел да се олесни водењето на бизнис.
Министерот без ресор Џери Наумоф се осврна на можностите кои се нудат за инвестирање во областа на туризмот и земјоделието како и модерната индустрија и современата технологија. Тој истакна дека големите корпорации во Македонија можат да препознаат стабилност и отвореност за соработка.