Ќе се доделуваат 737 стипендии во учебната 2013-2014 година

Владата на Република Македонија преку Министерството за образование и наука и оваа учебна 2013/2014 година продолжува со доделување на 737 стипендии за учениците од јавните и приватните средни училишта.

Стипендиите се поделени во шест различни категории-400 стипендии за социјална поддршка на ученици, 80 за ученици со статус на деца без родители, 50 стипендии за ученици со посебни потреби, 150 за талентирани ученици-спортисти, 50 за талентирани ученици и 7 за ученици од угостителско-туристичка струка.

На денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски информира дека стипендиите се наменети за редовни ученици во јавните и приватни средни училишта во Македонија кои не повторувале година во текот на образованието и не се корисници на стипендија од други институции и се државјани на Република Македонија.

- Освен општите услови, кандидатите треба да исполнуваат и дополнителни услови специфицирани во конкурсите за секоја од категориите. Критериумите за доделување стипендии за социјална поддршка на ученици, предвидуваат континуиран успех остварен во текот на школувањето да биде поголем од 4.00, а предвид се зема и материјалната состојба на потесното семејство и освоените награди на државни или меѓународни натпревари, рече Ристовски.

Остварениот просечен успех на кандидатите ќе биде главен критериум при доделувањето на стипендии за учениците со посебни потреби и за учениците кои имаат статус деца без родители, кои во текот на своето школување треба да имаат постигнато просек од најмалку 3.00, односно 3.50.

Кандидатите талентирани спортисти треба да имаат просечен успех од најмалку 4.00, а предвиде ќе се земат и освоени награди на државно ниво, меѓународни спортски натпревари. Кај талентираните ученици ќе бидат доделени стипендии на кандидати со одличен супех кои освоиле награда на државни или меѓународни натпревари од областа на науката, техниката, културата и уметноста, содветни на струката што ја изучува ученикот.

Министерот Ристовски информира дека конкурсот за стипендирање на ученици од угостителско-туристичката струка е новина, воведена оваа година и додаде оти веќе беше објавен, но ќе се повтори за доделување на простанатите седум стипендии од вкупно 15.

- Во оваа категорија можат да се пријават ученици кои имаат просечен успех од најмалку 3.50. Стипендиите се доделуваат за период од 9 месеци во годината, а со одлука на Владата од минатата учебна година месечниот износ за сите категории е зголемен за 500 денари. Стипендијата за социјална поддршка на ученици изнесува 2.000 денари, за талентирани ученици и за талентирани спортисти 2.700 денари. Стипендиите за ученици со посебни потреби и деца без родители ќе добиваат по 2.500 денари. Новите стипендии за учениците од угостителско-туристичка струка изнесуваат 2.000 денари, рече Ристовски.

Конкурсите ќе бидат објавени в понеделник во печатените медиуми и на интернет страницата на МОН, на порталот stipendii.mon.gov.mk. Аплицирањето ќе трае две недели.

Министерот Ристовски нагласи дека сите доставени документи, писмени и електронски, ќе бидат детално прегледани со цел правилна и фер распределба на стипендиите.