Владата обезбеди средства за отпремнини и социјален пакет за вработените од ОХИС
Владата обезбеди средства за отпремнини и социјален пакет за вработените од ОХИС. Со тоа, како што истакна денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, во целост се прифатени барањата на Синдикатот.
Обезбедени се 65 милиони денари за отпремнини кои во следните седум до 10 дена ќе бидат трансферирани од Владата во ОХИС, како и дополнителни 43 милиони денари за надоместокот кој вработените ќе го добиваат преку Агенцијата за вработување.
- Она што е важно дека со обезбедувањето на средствата се задоволени поентите на нивните барања, а тоа е дека отпремнината која минимум ќе биде исплатена по вработен ќе изнесува по 1.400 евра како што беше и побарано од страна на Синдикатот и раководството, истакна Ѓорѓиев на прес-конференција во Владата.
Според претседателот на СМЕР Пеце Ристовски, ова решение има бенефит за вработените по три основи - ќе добијат средства со кои ќе ги подмират направените долгови по разни основи, ќе добиваат паричен надоместок од Агенцијата за вработување и ќе бидат здравствено осигурани.
- Подолг период разговаравме со Владата да дојдеме до некое решение за да може овие луѓе да преживеат во услови кога немаат земено 24 плати. Тој договор го постигнавме. Ги анкетиравме вработените дали е прифатлив овој договор и огромното мнозинство го прифати ова решение со што со целосен легитимитет излеговме пред Владата со понудениот пакет, рече Ристовски.
Она што останува, според Ристовски, е да се бара решение за трајниот статус на компанијата. Нагласи дека остануваат сите побарувања што ги имаат вработените по основ на неисплатени плати или други побарувања.
- Ако ги купи стратешки инвеститор негова обврска ќе биде исплатата на овие побарувања, а ако се случи најлошата варијанта - стечај или ликвидација, тогаш работниците како и сите доверители ќе ги пријават своите побарувања во стечајната постапка, потенцира Ристовски.
Директорот на ОХИС Леко Ристевски информираше дека на работа ќе останат 65 луѓе кои ќе бидат ангажирани за обезбедување и противпожарна заштита, а дел и за одржување на електроенергетскиот систем на ОХИС и за други потреби.
На следната седница на Економско-социјалниот совет ќе бидат разгледани идните можности и модалитети што ќе бидат преземени во врска со овој загубар.
Моменталниот долг на ОХИС е околу 20 милиони евра од кои долгот кон вработените изнесува околу пет милиони евра.