Математика ќе биде задолжителен предмет на државната матура
Математиката ќе биде трет задолжителен екстерен предмет на државната матура од 2014/2015 за гимназијалците, а од 2015/2016 за матурантите во средното стручно образование. Изземени се учениците од средните уметнички училишта, зашто тие не го изучуваат тој предмет.
Реформата ќе се спроведува етапно во наредните три години. Преодот од два во три екстерни предмети ќе почне од генерацијата која ќе матурира оваа учебна година. Тие ќе полагаат државна матура по т.н. модел 1+2 - покрај двата предмета - мајчин јазик и странски или математика, гимназијалците и матурантите од стручните школи ќе имаат уште еден екстерен предмет по избор од предметите што ги изучувале. Наместо два, ќе имаат еден интерен предмет и проектна задача, како и досега.
Третиот екстерен предмет, кој за годинашните матуранти ќе биде по избор, од идната година ќе биде задолжително математика за гимназијалците, а по две години и за матурантите од средните стручни училишта. За уметничките, остануваат мачин јазик и странски или естетика/филозофија, а ќе се воведе историја.
Новина е и тоа што екстерните предмети од државната матура во јуни ќе се полагаат електронски, освен есејот во мајчин и во странски јазик или текстуалните задачи во математика. Интерниот испит и натаму ќе се полага писмено.
Новините денеска ги соопшти министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој смета дека на овој начин ќе се зголеми објективноста во оценувањето и ќе се обезбеди поправедна и поквалитетна селекција на кандидатите за упис на факултет.
- Цениме дека е неопходно математиката да биде задолжителен предмет, затоа што тоа е материја малку видлива, но многу практична и ефективна во секојдневниот живот. Особено значајна за младите кои се определуваат за техничките струки... Во сите меѓународни пракси и истражувања јасно е покажано дека земјите кои силно се фокусирани на математиката во кој било сегмент од образованието, имаат многу поквалитетни резултати, истакна Ристовски на прес-конференција.
Средните стручни училишта имаат најдолг период за адаптација. Таму матурата можеби ќе се полага на двапати - прво математика, по завршување на втора година, а на крајот од четврта и останатите предмети од матурата.
Покрај државна матура, годинашните матуранти ќе полагаат и екстерно тестирање, што е обврска за сите ученици во образованието. Тестирањето е реформа воведена лани, кога беа исклучени матурантите. Ристовски рече дека се уште се дефинира кога ќе биде тестирањето за нив. За да имаат време меѓу двата испита, екстерното тестирање веројатно ќе биде на крајот на првото или на почетокот на второто полугодие.
Роковите за државната матура засега остануваат непроменети, полагањата ќе бидат во јуни, односно во август за тие што нема да ја положат или не во целост.