Ивановски: Стимулирање широкопојасен интернет преку нов закон за електронски комуникации

Стимулирање на користењето побрз широкопојасен интернет, иновации, слобода на изразување, отворање нови работни места и  натамошен развој  на телекомуникацискиот пазар, најавува Министерството  за  информатичко општество и администрација со нов закон за електронски комуникации, чија работна верзија ја презентира денеска.

- Основата за натамошен развој во информациско комуникацискиот сектор, а  со тоа и на целокупната економија во државата  е развојот на следните генерации електронски  комуникациски мрежи и услуги, а особено на широкопојасниот интернет, рече министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски во обраќањето на јавната расправа за новиот закон.

Според податоците на  ОЕДЦ, укажа Ивановски,  дуплирањето на  брзината на широкопојасниот интернет во една земја може да придонесе за пораст на БДП  до 0,3 проценти. Потребно е, смета, да направиме анализа на постоечкиот модел на универзална услуга, колку  е  корисна и дали е потребно да предложиме нов модел за нејзино искористување.

Новиот закон треба да овозможи ефикасно користење на радиофреквенцискиот спектар и нумерацијата, да помогне во унапредување на развојот и поттикнување инвестиции во јавните електронски комуникации со воведување нови технологии и услуги, а особено со воведување следни генерации јавни електронски комуникациски мрежи, како и да обезбеди доверливост на комуникациите.

Директорот на АЕК Роберт Орданоски оцени дека за  граѓаните ќе биде голема придобивка  тоа што широкопојасниот интернет ќе стане дел од универзалниот сервис. 

 - Заложбата на ЕК и на БЕРЕК е да се  достигне дигиталната агенда 2020 со која 100 проценти од  граѓаните на ЕУ да имаат  пристап до широкопојасен интернет поголем од 30 мегабити во секунда. Тоа е и наша цел и затоа  АЕК во наредниот период ќе ги искористи сите законски ингеренции да им овозможи на операторите да ги изградат своите мрежи  на многу лесен начин, без да имаат трошоци, рече Орданоски.

Сите информации околу градењето на мрежите ќе бидат постирани на веб сајтот на АЕК. Ако има повеќе оператори кои истовремено сакаат да градат мрежи на исто подрачје,  појасни, практично ќе се направи една заедничка инвестиција, со што цената на изградбата ќе биде многу пониска, а со тоа и цената на услугата.

Во делот на развојот на заштитата на  правата на  корисниците АЕК добива поголеми  ингеренции затоа што ќе стане прекршочен орган што ќе изрекува прекршочни казни за помали прекршоци.

- Досега секој прекршок по  нашето предупредување завршуваше на суд, а сега за помали прекршоци АЕК ќе може сам да изрекува прекршочни казни, што нема да бидат процент од годишниот приход, туку ќе бидат фиксни. Тоа беше проблем што го имавме досега, а со оваа новина  верувам дека многу повеќе ќе се зголеми нивото на грижата на операторите кон корисниците затоа што АЕК е затрупан со приговори и досега се решаваа на повисоки инстанци. Сепак, за повисоките прекршоци, и натаму останува постапката за на суд и казна со процент од годишниот приход, рече Орданоски.