Соработка на МВР и невладиниот МЦКР во сузбивањето на деликвенцијата кај младите

Намалување на малолетничката деликвенција, насилството во училиштата, на спорските натпревари, превенција од злоупотреба на дроги и дополнително ангажирање на пензионирани полициски кадри кои имаат искуство во офие сфери има за цел Договорот што денеска го потпишаа Министерството за внатрешни работи и невладината организација Македонски центар за култура и развој.

- Со потпишувањето на Договорот за долгорочна соработка почнуваме нова фаза во третманот на превенција во општеството. Безбедноста како категорија и превенцијата од секаков вид на закани со кои се соочуваме за нас се од врвен приоритет. Соработката што ја воспоставуваме отвара нова перспектива во работењето, при што преку програмите и проектите кои ќе се спроведуваат и ангажираат широк круг на волонтери во земјата на дневно ниво ќе се дава прилог во превенцијата, рече по потпишувањето на Договорот министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Според податоците на МВР во првите девет месеци од годинава  има 109 повредени ученици, од кои тројца со тешки телесни повреди. Регистрирани се 109 случаи на насилсничко однесување во училиштата, од кои 69 во средните, а 40 во основните училишта. Во еден случај со пукано е со огнено оружје во воздух, во два случаи употребени се остри предмети, а во девет тврди предмети. Најчесто, односно во 94 случаи употребена е физичка сила. Поднесени се кривични пријави против 21 сторител поради постоење сомневање за убиство во обид, тешки телесни повреди и насилство. Против 119 лица се поднесени прекршочни пријави.

Податоците од годинава, рече Јанкулоска, не се разликуваат многу од претходните, но како што посочи, се додека има насилство во училиштата и помеѓу младите состојбата е алармантна и ќе се бараат начини за таа да се ублажи.

Министерката за внатрешни работи истакна дека со денеска воспоставената соработка ќе се направат обиди за подобрување на севкупниот амбиент на повеќе подрачја, превенција на насилство во училиштата, детска академија за превенција, превенција од компјутерска манипулација, превенција од насилство за време на спортски натпревари... односно ќе се реализираат вкупно 25 проекти со повеќе потпроекти. МВР ќе дава поддршка во планирање, реализација, организација и логистика, а МЦКР ќе учествува како партнер во проектите секаде каде има потреба за тоа.

Претставниците од Македонскиот центар за култура и развој истакнаа дека за реализација на проектите ќе се вклучат и студенти од факултетите по безбедност, но и пензионирани припадници на МВР кои имаат искуство овие искуство во овие сфери на превенција.

Во рамки на проектите младите ќе се учат последиците од своите постапки, како да се однесуваат на прослави и забави, на спортски натпревари, што значи употребата на оружје, кои се последиците, потоа како да се заштитат да не почнат да користат дроги, но и родителите како да препознаат во кој правец се движат нивните деца.