Нов погон на „Докатесктил“ во Валандово

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска во индустриската зона „Раброво“ присуствуваше на отворањето на новиот производствен погон на текстилната компанија „Докатекстил“ со којa се заокружи инвестицијата вредна 2,5 милиони евра.

- Пред една година ги отворивме првите погони на „Докатекстил“ и се овозможи вработување на 250 лица. Денеска сме повторно тука за нов погон кој ќе овозможи работа за уште 100 лица, 100 семејства ќе бидат згрижени и ќе можат да имаат подобар живот. Тоа покажува дека напорите на Владата на локално и централно ниво, меѓутоа и добрите инвеститори, резултираат со вистинсики решенија, нови инвестиции и нови работни места, рече Ставрески.

Според него, Владата помогна преку одржување ниски даноци, ослободување од даноци на добивка и откуп на земјиштето по едно евро. Локалната власт исто така даде поддршка со изградбата на индустриската зона и ослободување од комуналии, но инвеститорот со својата визија и со добрата реализација на инвестицијата беше за нас најзначаен во процесот.

- И натаму ќе им помагаме на приватниот сектор и на инвеститорите да ги остваруваат своите планови, напомена вицепремиерот.

Инвеститорот Тони Пандев изрази благодарност за помошта од централната и локалната власт без кои, како што истакна, ова немаше да се случи. Тој најави дека ќе продолжи да инвестира во едукација на вработените и во модернизирање на опремата.

- Ова го потврдува фактот дека индустриската зона Раброво е капитален проект на општината која моментно се бори со невработеноста и дека „Докатекстил“ во позитивна смисла дава голем придонес во борбата за подобра иднина на Валандово, рече градоначалникот Николче Чурлиновски.