Заврши ерата на енормно загадување, Клинички се затоплува со гас

-Со пуштањето на употреба на топланата во Клиничкиот центар во Скопје, завршува една ера на енормно загадување на центарот на главниот град – нагласи Министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска го пушти во употреба гасоводот во комплексот клиники - ‘’Мајка Тереза’’.

Тој потенцираше дека импактот за зачувување на животната средина од овој проект ќе биде огромен и непроценлив.

-Имајќи во предвид дека во зимските денови овдека во Клиничкиот центар трошевме околку 20 тони мазут дневно или некаде околку 4 илјади тони годишно, а можеби и повеќе и испуштавме во воздухот некаде околу 100 тони сулфур диоксид годишно, тоа е енормна количина на загадување. Практично ова беше главниот извор за загадување на центарот на градот, но и пошироко – изјави Тодоров.

Повеќе од 50 години ова беше начин на затоплување во Клиничкиот центар, а со оглед на тоа што на клиничкиот центар му е потребно затоплување не само во зимскиот период, загадувањето се одвиваше во текот на целата година.  

Од економски аспект пуштањето во употреба на топланата значително ќе ги намали и трошоците за загревање на објектите кои се наоѓаат во Клиничкиот центар. 

Според министерот Тодоров се очекува заштеда од минимум 40 отсто од финансиските средства што досега се трошеа за затоплување на клиниките.

За овој проект се инвестирани 48 милиони денари од страна на Министерството за здравство и од Клиничкиот центар.