Ставрески: Дел од проектите на СДСМ необмислени, дел веќе реализирани од оваа Влада
Прес- конференција на заменик претседателот на Владата и министер за финансии, г-дин Зоран Ставрески
Почитувани,
Повторно, како и претходно, овие предлози на Заев и СДСМ се целосно необмислени, паушални, без никаква пресметка, бројки, и без познавање на системот на функционирање на економијата, буџетот, и социјалните трансфери. Овие предлози се анахрони, и не нудат никаква свежина.
Очигледно Заев во немоќта да смисли реален и издржлив концепт со точни и прецизни бројки, рокови, начини на финансирање, тој ги слуша советите кои веќе и бесрамно и јавно му се даваат дека ќе помине на избори со лаги што добро звучат и дека народот, како што го советуваат Заев се би прифатил и во се би поверувал. Сакам да му препорачам дека тргнал по погрешниот пат еве и зошто.
И уште една работа пред да почнам со деталите, покрај тоа што ова што беше кажано е неостварливо, и покрај тоа што СДСМ кога имаше можност никогаш не го направил предложеното, има уште една работа а тоа е дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ во сите овие сфери за кои зборуваше Заев, веќе има конкретни резултати и има направено многу повеќе отколку што Заев предлага. Тоа се нашите дела, видливи и мерливи резултати.
Сега конкретно:
Зоран Заев предлага докуп на работен стаж до 5 години. Токму оваа мерка СДСМ ја укина во 1994 година кога СДСМ беше на власт. Ако имаше ефект зошто самите тие ја укинаа?
Ваквите мерки не се системски, туку се применуваат само во еден интервал, тоа е современа практика. Би сакал во оваа прилика да го потсетам г-динот Заев дека оваа Влада ваква мерка имаше од август 2012 година до февруари 2013 година, кога беше овозможено во овој интервал сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат условите да си го докупат стажот до 5 години, и оваа мерка ја искористија околу 2000 лица, пред се земјоделци и друг вид на работници, од кои најголем број беа токму од струмичкиот регион односно од југоисточна Македонија, и добија старосна пензија.
Исто така, сакаме да информираме дека сите лица кои имаат над 65 години, а се материјално необезбедени и немаат приходи, се приматели на постојана парична помош, значи ова е веќе реализирано и практично предлогот за социјална пензија е веќе опфатен во постојаниот систем на социјална заштита преку правото на постојана парична помош.
Иако претходно нуди докуп на стаж, во следниот свој предлог Заев предлага во пензија да се оди со пензиски стаж за жени 35 години а за мажи 40 години, и паралелно да остане да важи и старосната пензија. Практиката на двоен модел на пензионирање не е тренд во современите искуства. Дополнително ова може да значи дека ако се оди во пензија со пензиски стаж, тогаш може да се случи некој работник што на пример почнал да работи на 35 години да треба да работи до 75 години за маж или 70 за жена. Значи според Заев работникот треба да работи до 75 години за маж или 70 години за жена наместо до 64 или 62 како што е сега.
Она што е значајно е дека во услови кога ЕУ државите и соседството вршат зголемување на старосната граница и рестрикции во пресметување на пензијата, во Македонија не се изврши зголемување на старосната граница, ниту се промени формулата за промена на пензијата.
Исто така во 2003 година, Владата на СДСМ изврши рестриктивна промена во формулата за усогласување на пензиите при што ја преполови формулата на штета на пензионерите. Од 2008 година, оваа Влада примени правичен, економски и социјален концепт, односно пензиите се усогласуваат според порастот на трошоци на живот 50 отсто, и пораст на плати 50 отсто.
Заев не ја говори вистината кога вели дека СДСМ предлага зголемување на пензиите. Усогласувањето на пензиите е редовна работа, а реално зголемување на пензиите е нешто сосема друго, нешто што Владата на СДСМ никогаш не го направи, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ го направи неколкукратно. Усогласувањето може да значи зголемување за некој процент, но реалното зголемување значи зголемување за десетици проценти како што ние направивме. СДСМ никогаш не зголеми пензии, напротив им одзема на пензионерите 8% од пензиите, а пензиите ги исплаќаше во три групи, а за разлика од нив само досега Владата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на пензиите и пензионерите го направи следното:
Просечната пензија е зголемена за 50 проценти, од 7.688 во септември 2006 на 11.540 денари во август 2013. Најниската пензија во државата е зголемена за 64 проценти, а највисоката за 33 проценти. Само во 2013-та, вкупното зголемување на пензиите заедно со индексацијата е за 7,35 проценти. Од март 2014-та пензиите ќе се зголемат за 5 проценти. За разлика во периодот пред 2006, кога воопшто немаше зголемување на пензиите и не се вршеше соодветно усогласување со трошоците за живот, се доцнеше и со исплата на пензии. Оваа Влада покрај редовното усогласување изврши дополнително зголемување на пензиите, и редовна месечна исплата за претходниот месец.
За пензионерите го направиме и следното:
- бесплатна бањско-климатска рекреација со која досега се опфатени околу 23 000 пензионери, а следната година уште нови 5000 лица ќе бидат опфатени;
- намалување на цените на лекови;
- пензионерите кои имаат пониски пензии од просечната добија бесплатно лечење во болниците и
-бесплатен превоз за пензионери во вторник, петок, сабота.
Во однос пак на социјалната и паричната помош, и за правата и социјалните трансфери на лицата со посебни потреби.
Заев зборува дека ќе направел нешто што досега никогаш не го направил. Заев зборува дека ќе направи нешто, што ВМРО-ДПМНЕ веќе го направи.
Од 2006 до 2013 година, социјалната парична помош е зголемена за 40,49 проценти , додека постојаната парична помош од 2006 до 2013 година е зголемена за 39 проценти. Социјалната парична и постојаната парична помош ќе се зголемат за дополнителни 5 отсто од 1.3.2014 година.
Она што Заев го нуди како предлог без анализа и без наведен извор на средства во неговиот предлог за зголемување на 40 отсто на социјалната парична помош веќе е направено од оваа Влада, плус и понатаму ќе се зголемува, и тоа одржливо, и реално како и досега.
Исто така, во однос на социјалните трансфери и правата на лицата со посебни потреби и лицата од социјално ранливи групи меѓудругото е направено и следното:
-Паричниот надоместок за помош и нега од друго лице од 2006 до 2013 година се зголемени за 32,7 проценти.
-Во 2009 година, правото на помошта и нега од друго лице почнаа да го користат и лица со умерена попреченост во менталниот развој, којшто претходно го користеа само лица со тешка и најтешка ментална попреченост
-Од 2006 до 2013 година цивилната инвалиднина е зголемена за 107 проценти.
-Висината на паричната помош за деца без родители над 18 години од 2006 до 2013 е зголемена за 31,9 проценти.
-Во 2011 година е воведена Парична помош за студирање на деца без родители како ново право, а зголемувањето е во 2013 година и значи ако лицето користи право на домување добива 12.000 денари, а ако детето без родители и родителска грижа не користи право на домување а притоа студира паричната помош е зголемена за 100 проценти, односно денес изнесува 24.000 денари месечно.
-Се воведе законско право на еднократна парична помош од 180.000 денари при напуштање на Домот за дете без родители.
-Дополнително од 2013 година, се применуваат мерки за вработување на лица кои до 18 години имале статус на дете без родители и родителска грижа преку програма Д-10.
-Детскиот додаток од 2006 до 2013 е зголемен за 30 проценти. И посебниот додаток од 2006 до 2013 е зголемен за 30 проценти.
- Во однос на лицата со инвалидност, во 2011-та е воведен додаток за мобилност, за лица со 100 отсто телесен инвалидитет(корисници на количка) во висина од 7.000 денари, и додаток за слепило за слепи лица во висина од 7.000 денари, при што, додатокот за мобилност и слепило го користат повеќе од 3000 лица.
-Дополнително во собраниска процедура се измени во Закон за социјална заштита и Закон за заштита на децата, во кои се предвидуваат четири нови права, и тоа, воведување на додаток за потполно глуви лица во износ од 4000 денари, се воведува додаток за мобилност за лица со квадриплегија во износ од 7000 денари месечно, се воведува паричен надоместок за самохрани родители кои што во наредните 15 години ќе се грижат за своите деца со пречки во развојот а кои не исполнуваат услови за старосна пензија и тие ќе го добијат овој паричен надоместок во висина од 8.000 денари, и се воведува зголемување за 50 проценти на посебниот додаток на самохрани родители на деца со пречки во развојот.
-Дополнително во тек е оглас за вработување на 300 лица со инвалидност во јавната и државната администрација, а околу 3000 инвалиди вработени во приватниот сектор и заштитните друштва ги користат поволностите од Законот за вработување на инвалиди.
-Во 2009 година, е воведена парична помош за мајка која родила четврто дете, правото го остварува мајката која е невработена и се грижела за децата до 18 годишна возраст, не прима пензија, и наполнила 62 години старост. Висината изнесува 8000 денари, зголемена со трошоците за живот.
-Во однос на остварување на право на старосна пензија, за рударите се овозможи порано остварување на ова право преку изменување на Законот за ПИО во 2011 година.
-Во 2013 година воведено е ново право, на парична помош за згрижувач. Ова право може да го оствари згрижувач, кој згрижувал лице кој во своето семејство, згрижувал лица најмалку пет години, по наполнување на 62 годишна возраст, не користи пензија и е невработен. Висината е 8000 денари усогласено со порастот на трошоците за живот...
Ова се дел од мерките кои ги имаме воведено, во интерес на времето тука ќе скратам и дозволете да сумирам.
Предлозите на Заев се нереални. Без сериозна анализа. Без пресметка за трошоците. Без кредибилитет на предлагачот. Заев ветува ќе оствари нешто што никогаш кога имал шанса претходно ни СДСМ, ни тој не го остварил. Ние ветивме и исполнивме. Пензионерите тоа го знаат. Примателите на социјална помош го знаат. Семејствата на лицата со попреченост тоа го знаат. Така ќе биде и понатаму. Ќе продолжиме со конкретни мерки, дела, со проекти кои имаат конкретни бројки, рокови и начини на финансирање, бидејќи тоа е вистинскиот пристап.