Владата ќе субвенционира вработување на невработени од социјално ранливи семејства

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Поттикнување и зголемување на вработеноста и отворањето на нови работни места се стратешки приоритет на Владата кој се реализира преку поширока палета на мерки и активности, Оперативниот план за активни мерки за вработување, посебните програми, реализација на вработувањата во капацитетите на странските инвеститори и друго. Сакаме да информираме дека Владата на Република Македонија усвои нова посебна Програма за субвенционирање за  вработување на невработени лица кои се корисници на социјална парична помош.

Основната цел на оваа Програма е финансиски да се поддржи односно субвенционира вработувањето во приватниот сектор на лицата кои се невработени и активно бараат работа, а се од домаќинства корисници на социјална парична помош.

Корисници на оваа Програма од една страна ќе бидат членовите на домаќинствата - корисници на социјална парична помош, регистрирани како невработени лица, активни баратели на работа во Агенцијата за вработување на Република Македонија, и од друга страна работодавачи кои вработиле и склучиле договор за вработување за најмалку 12 месеци со лица од оваа категорија, односно членови на домаќинства - корисници на социјална парична помош, регистрирани како невработени лица, активни баратели на работа во Агенцијата.

Притоа, приоритет при субвенционирањето на вработувањето ќе се даде на младите лица на возраст до 29 години, кои потекнуваат од семејства корисници  на социјална парична помош, кои се регистрирани како активни баратели на работа во Агенцијата. Особен приоритет при субвенционирањето на вработувањето на овие млади лица до 29 години ќе се даде на младите кои потекнуваат од домаќинства приматели на социјална помош, а кои во своето образование го користеле Условниот паричен надоместок за образование кој се дава за оваа категорија лица и кој изнесува 12.000 денари годишно. На тој начин би се направило поврзување на субвенционирањето на оваа категорија на млади лица да се образуваат, да стекнат образование и потоа како логичен след и субвенционирањето за тие да се вработат.

Програмата ќе се реализира на следниот начин:

На почетокот на следната година ќе биде распишан јавен повик од страна на Агенцијата за вработување на Република Македонија на кој од една страна ќе може да аплицираат невработените лица кои се од домаќинства кои се корисници на социјална парична помош и бараат работа активно, а од друга страна ќе аплицираат работодавачи кои се заинтересирани да вработат лица од оваа категорија кои аплицирале на повикот.

Потоа ќе следи вкрстување на апликациите на невработените и на работодавачите.

Работодавачот кој ќе вработи лице кое аплицирало на овој јавен повик (невработено лице од семејство корисник на социјална парична помош) ќе добие субвенција во износ од 17.000 денари месечно по вработено лице, и тоа за период од шест месеци, од кои 14.000 денари за исплата на бруто месечна плата по вработено лице и 3.000,00 денари месечно на работодавачот за покривање на трошоците за обука и материјали.

По истекот на шесте месеци на субвенцијата,  работодавачот има обврска да го задржи работникот вработен врз основа на оваа Програма најмалку дополнителни шест месеци  (или вкупно 12 месеци) со цел работникот да покаже резултати и да се стекне со трајно работно место.

Средствата за субвенционирање за вработување на невработени лица - корисници на социјална парична помош ќе се вратат ако се раскине договорот за вработување поради непочитување на одредбите од договорот за вработување, не се почитува договорот за субвенционирање или доколку Агенцијата констатира дека податоците за користење на субвенцијата се невистинити.

За оваа цел Владата ќе издвои и ќе исплати околу 13 000 000 денари, со што би можело во оваа прва фаза да се вработат околу 150 лица.

Ова е значајна Програма и ние сакаме добро да ја запознаеме јавноста со неа. Затоа и првиот јавен повик по оваа мерка ќе се одржи после еден период на едукација и подигнување на свесноста за можностите кои стојат на располагање и на невработените и на работодавачите. Значајноста на оваа прва фаза од Програмата се огледа и низ фактот што од оценката на нејзината успешност ќе зависи и идното евентуално проширување и на средствата за субвенција и на бројот на опфатени лица и категории. Затоа апелираме и до невработените и до работодавачите да ги проучат овие можности, за што Агенцијата за вработување стои на располагање за секакви консултации, и да ја реализираат својата замисла, невработените да се стекнат со работа, а работодавачите да ја искористат државната помош за ширење на својот бизнис и профит.