Хемиска кастрација и повисоки затворски казни за педофилите
Ќе се заострува казнената политика за педофилите. Владата на вчерашната седница предложила измени на Кривичниот законик со кои ќе бидат зголемени затворските казни и првпат во Македонија ќе се воведе медицинско-фармаколошки третман (хемиска кастрација) за лицата што ќе извршат полов напад врз дете до 14 години.
Според предлогот, се зголемуваат минималните казни затвор: од сегашните осум на 12 години - за обљуба или друго полово дејство врз малолетник под 14 години, а ако поради кривичното дело настапила смрт или тешки последици или е извршено на суров начин и од повеќе сторители, казната која сега е од минимум 10 години до доживотен затвор ќе се зголеми на најмалку 15 години до доживотен затвор.
Лицата осудени за педофилија ќе добијат помалку години затвор ако се согласат на медицински третман. Таков избор ќе немаат педофилите што ќе го повторат делото и без нивна согласност ќе бидат подложени на третманот. Судот ќе оценува колку ќе трае лекувањето или ќе биде до крајот на животот на сторителот.
Предлогот, кој ќе биде доставен во Собранието на РМ, денеска на прес-конференција го соопшти министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, нагласувајќи дека главна цел на новата мерка е заштита на децата од најтешкиот облик на злоупотреба - сексуалната, и оти нејзиното воведување го поддржува пишироката јавност.
- Мерката медицинско-фармаколошко лекување ќе се извршува на слобода во специјализирани медицински установи по издржување на казната затвор, а надзорот на извршувањето на мерката ќе го спроведува Управата за извршување санкции, која има обврска најмалку еднаш во шест месеци да го известува судот за извршувањето на мерката и за потребата од нејзино продолжување или прекинување, рече Спасов.
Посочи дека третманот се применува во САД и во други земји и не е опасен за здравјето на лицето. Се состои од инјекции за намалување на либидото кои се примаат на шест месеци.
Сторителот кој ќе прифати хемиска кастрација ќе добие 40 години затвор ако бил осуден на доживотен, 20 години наместо пресудените 40 или минимална казна затвор ако бил осуден на 20 години.
Кога ќе бидат усвоени од Собранието, законските измените нема да важат ретроактивно за лицата кои веќе се осудени за педофилија.