Семинар на тема „Улогата на Владата во подобрувањето на работните односи“
Унапредување на соработката и социјалниот дијалог меѓу Владата, работодавачите и синдикатите и разгледување на можностите за отворање нови реални работни места, пред се со искористување на нови енергетски потенцијали, е целта на дводневниот семинар што почна денеска во Скопје во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати, Бизнис конфедерација на Македонија и BusinessЕurope.
- Ова е дополнителна потврда на европскиот развој на Република Македонија во насока на развој на социјалниот дијалог. Низ конкретни активности се гледа како синдикатите, работодавачите и Владата соработуваат особено на теми кои се актуелни во овој период на економски план во Македонија, но и во ЕУ, изјави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој на семинарот имаше обраќање на тема „Улогата на Владата во подобрувањето на работните односи“.
Ристовски смета дека денешниот состанок е приказ дека во Македонија постои реален социјален дијалог, во чии рамки се разговара по сите отворени прашања. Присустсвото на BusinessЕurope, вели, е само потврда на европската агенда на Владата синдикатите и работодавачите.
Миле Бошков, од Бизнис конфедерацијата на Македонија се согласува оти во Мкаедонија постои унапредување на социјалниот дијалог, за што, според него, сведочи и денешниот настан, на кој може да се слушне и да се научи уште повеќе од европските искуства за соработката межу владите, работодавачите и синдикатите.
- Треба да се потенцира дека се обидуваме да наметнеме еден стил на здружување и соработка, почнувајќи од разговорите за социјален дијалог, подобрување на индустриските релации, поттикнување позитивни и пореални вработувања, но и низ нови начини, како искористување нови енергетски потенцијали и енергетска ефикасност, вели Бошков.
Проект менаџерот од BusinessЕurope Вајс Рушен вели дека нивното присуство е знак на поддршка на Македонија во нејзините напори за членство во ЕУ.
- Социјалниот дијалог во Македонија е добар. Соработката меѓу парнерите се развива и придонесува Македонија да чекори напред во членството кон ЕУ, рече Рушен.
Потенцира дека кризата во Европа не само опасност, туку и можност, пред се за нови идеи од нови земји со нова енергија.
- Интеграцијата на Европа сега можеби е попотребана од кога и да е. Овие два дена ќе дискутираме за нови енергии, а Македонија има многу можности. Ќе се обидеме да најдеме решенија како да се поврзе Македонија со ЕУ и како да се профитира повеќе од енергетската политика на Брисел, истакна проект менаџерот од BusinessЕurope.