Џафери-Фаркаш: Членството на Македонија во НАТО останува највисок приоритет
Највисок приоритет е полноправно членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ и во таа насока продолжување на учеството во мировните мисии надвор од државата, истакнал министерот за одбрана Талат Џафери на денешната тет-а-тет средба со Евелин Фаркаш, заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД за Русија, Украина и Евроазија, која е во посета на Македонија.
Информирајќи ја за идните планови и приоритети, како и ангажманите на МО, Џафери и ја соопштил на Фаркаш одлуката Република Македонија да продолжи да биде дел од мисијата ИСАФ во Авганистан се до нејзиното завршување во 2014 година, како и во пост мисијата ИСАФ.
- Покрај ова учество подготвени сме и за можно учество во мисии предводени од ЕУ и од ОН и во тој контекст соопштив дека водиме билатерални разговори со Белгија, со посебен акцент за искуствата и идеите за трилатерална соработка АРМ, Националната гарда од Вермонт како партнер и армијата на Сенегал, каде што во иднината е можен ангажман на АРМ во мисија, изјави по средбата министерот Џафери.
Одбранбената соработка, приоритетите, операциите и за идните планови и предивици, според Фаркаш, биле темите на кои разговарале со министерот Џафери.
- Ќе ни биде задоволство да дискутираме и за понатамошната поддршка што може да ја обезбедиме на Република македонија и за искажаниот интерес за учество во мисии преводени од ЕУ, но и во други операции. Се што преземаме и работиме заедно е со цел да се зајакне Македонија и нејзината одбрана и таа да биде подготвена кога ќе дојде денот за интеграција во НАТО, изјави заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД за Русија, Украина и Евроазија, Фаркаш.
Заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД за Русија, Украина и Евроазија, Евелин Фаркаш денеска ќе биде примена и од претедателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.