Пуштен во употреба резервоар за вода во Сиричино

Премиерот Никола Груевски денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на резервоарот за вода со капацитет од 300 метри кубни во близина на селото Сиричино, општина Јегуновце, со кој ќе се надмине проблемот со водоснабдување на повеќе населени места во општината.

- Резервоарот којшто го изградивме е наменет да опслужува 11 населени места со над 7.000 жители. Во него се инвестирани 9.300.000 денари, најголем дел инвестиција на Владата, а свој удел има и Општина Јегуновце. Со заеднички напори ги надминавме проблемите како што беше неисправната вода од бунарите и слабиот доток во водоводниот систем и верувам дека со изградбата на овој резервоар голем дел од вашите проблеми со водоснабдувањето конечно ќе бидат надминати, рече Груевски.

Тој додаде дека ова не е единствениот, а уште помалку последен проект со кој Владата вложува за подобрување на животните услови во општина Јегуновце.

Потсети дека во изминатиот период биле преземени изградба и реконструкција на повеќе локални патишта, како локалниот пат Вратница, патот до село Орашје, патот Прељубиште – Туденце, локалниот пат Сиричино – Туденце и асфалтирање на регионалниот пат Тетово – Јажинце со должина од 16 километри.

Се осврна и на решавањето на проблемот со водоснабдување со изградба на секундарна мрежа во селата Туденце, Раотинце и Жилче, обнова на основните училишта „Александар Здравковски“ во Јегуновце, „Симче Настовски“ во Вратница и ОУ „Шемшово“ во Шемшово, како и подрачните училишта во Сиричино, Ратае, Раотинце, Рогачево, Јанчиште, Орашје и Старо Село, додека во завршна фаза е изградбата на повеќенаменското спортско игралиште во Ратае.

Груевски најави дека во наредниот период Владата на Република Македонија ќе продолжи да вложува во овој регион, како што е изградбата на канализациона мрежа, колекторски систем и секундарна мрежа во селата Шемшово и Жилче, што е во тек, а сличен проект е предвиден и за селата Јажинце и Јегуновце, изградба на спортска сала во училиштето „Александар Здравковски“ во Јегуновце, изграба на повеќе локални патишта и други проекти од значење на локалното население.

На свеченоста присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирањето Абдилаќим Адеми, кој ја истакна добрата соработка со општината во реализацијата на проектот.

- Еден од приоритетите на Владата е снабдување на сите населени места во државата со квалитетна вода за пиење бидејќи со постојните начини на снабдување од подземните води имаше и неквалитетна вода за пиење. Министерството за животна средина и Владата во овој проект вложија 8,2 милиони денари, додека општината учествуваше со 1,1 милион денари, што е вистински пример за заеднички проекти во интерес на граѓаните, рече Адеми.

Градоначалникот на Општина Јегуновце Тони Коцевски истакна дека резервоарот за вода во Сиричино е составен дел од регионалниот водоснабдителен систем за 11 населени места во општината во чиј склоп влегуваат бунар од 42 литри во секунда, вкопан и висински резервоар секој од по 300 метри кубни, пумпна станица и сопствена трафостаница за неа, како и примарна водоснабдителна мрежа од 17,2 километри.

Резервоарот кај Сиричино ќе обезбедува здрава вода за пиење до најоддалечените места од изворот во Јегуновце, односно селата Сиричино, Желче, Шемшево и Ратае.