Груевски: Интересот на германските компании за Македонија континуиран, оправдано е да се очекуваат повеќе инвестиции

Претставници на 30-тина германски компании денеска во Дизелдорф се запознаа со можностите  и условите што ги нуди Македонија како поволна бизнис дестинација. Премиерот Никола Груевски посочувајќи ги  предносите рече дека  повеќе компании веќе се уверија во тоа и се присутни на македонскиот пазар.

- Република Македонија со своите економски потенцијали, многу работа, труд, посветеност и одговорност на сите чинители во државата постигна високо ниво на конкурентност на македонската економија, а со тоа и ја направи доста привлечна бизнис дестинација. Би сакал да нагласам дека во изминатиот период, Владата на Република Македонија покрај значајните активности што ги направи за подобрување на бизнис климата, работеше и на воспоставување институционална архитектура за привлекување странски инвестиции, преку финансиско и кадровско јакнење на владините институции, рече премиерот Груевски пред германските стопанственици.

Посочувајќи дека анализите покажуваат оти има континуиран интерес од германските инвеститори за влез во Македонија, тој истакна дека е оправдано да се очекува дека ќе има повеќе инвестиции од Германија во Република Македонија.

- Ги повикувам германските бизнисмени да ја посетат Република Македонија и да ги искористат нејзините компаративни предности при реализација на нивните бизнис планови. Ние како Влада сме подготвени да излеземе во пресрет и да ја обезбедиме неопходната поддршка за реализацијата на вашите инвестиции и соработка со македонските компании, порача Груевски.
 
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски се осврна на макроекономските индикатори, инфраструктурните услови, проектите и секторите во кои може да се инвестира...

- Основни предизвици на Македонија се привлекување странски директни инвестиции, одржување макроекономска стабилност, инвестиции во инфраструктурата и во енергетиката, рече Пешевски, додавајќи  Македонија има инфраструктурни проекти вредни 2 милијарди евра во железницата, патиштата и енергетиката, од кои дел ќе ги финансира државата, а во дел германските компании може да се јават на тендер како изведвачи. Целта е да се поправат инфраструктурните услови.

Поконкретно условите за инветирање во Македонија ги претставија директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида и директорот на Дирекцијата за Технолопко-индустриските економски зони Виктор Мизо.

На форумот беа присутни потенцијални инвеститори од различни области. Германските странски директни инвестиции во Македонија заклучно со 2010 година изнесуваат 71.370.000 евра или 2,98 отсто од вкупните странски директни инвестиции во Македонија. Годинава инвестирани се 0,11 милиони евра. Сектори каде се очекува влез на германски капитал се производството на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациска технологија, земјоделство и преработка на храна, бизнис услуги, фармацевтска индустрија и медицински помагала, енергетика и обновливи извори на енергија, туризам, градежништво и инфраструктура.

Германија е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија и во 2010 и од почетокот на оваа година е на прво место на листата со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена. Вкупната размена годинава е 1.110.150.000 американски долари, со суфицит на македонска страна.

Владиниот тим инвестициските можности вчера ги претстави пред 60-тина германски стопанственици во Минхен, а ги посети и имаше разговори со раководството на Сименс и на БМВ. Контакти беа остварени и со неколку компании со кои разговорите за инвестирање во Македонија се во понапредна фаза. Станува збор за компании од автомбилската индустрија. Претходно поволнистите за инвестирање беа претставени во Австрија.