Отворено спортското игралиште во штипската населба Сењак

Премиерот Никола Груевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски  и градоначалникот на Општина Штип Илчо Захариев денеска го пуштија во употреба повеќенаменското спортско игралиште во една од најголемите штипски населби Сењак.

Игралиштето, како што истакна Груевски, е дел од големиот владиниот проект за изградба на 100 повеќенаменски игралишта на територијата на цела Република Македонија.

- Штип е дел од овој проект и затоа денеска, во оваа населба имаме ново повеќенаменско игралиште на кое може да се игра фудбал, кошарка, ракомет и други спортови. Игралиштето е оградено, а има и осветлување за да може да се употребува и во доцните вечерни часови, рече Груевски. 

За изградба на ова игралиште Владата инвестираше околу седум милиони денари со што штипскиот регион доби уште еден спортски терен од значење за граѓаните.

- Во претходниот период ја изградивме салата „Јордан Мијалков“, го реконструиравме фудбалското игралиште во Суитлак, ја реконструиравме училишната сала во ОУ „Гоце Делчев“, како и училишната сала во СУ „Славчо Стојменски“. Општината исто така инветираше во десетици спортски терени во целиот штипски регион. Кога сме кај спортот, би сакал да ви најавам дека веќе е отпочната и тендерска постапка за изградба на новите тениски терени во Штип, додаде премиерот и посочи дека Владата продолжува со проектите и во други полиња од значење за граѓаните.

Во населбата Сењак, покрај повеќенаменското спортско игралиште, изградена е и зграда со станови за социјални категории на граѓаните, а веќе е почната и изградбата на новиот голем трговски центар.

- Штип добива пет проекти, меѓу кои Универзитетот, ТИРЗ-от, автопатот Миладиновци – Штип чија изградба почнува меѓу 20 и 23 февруари, новата клиничка болница исто така ќе се гради во февруари, а потпишан е и меѓународен договор за изградба на карго-аеродромот во 2020 година, рече Груевски.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски рече дека со отворањето на повеќенаменското спортско игралиште во населбата Сењак ќе ставиме белег на издигнување на уште еден дом на спортот во општина Штип.

-Силната страна на спортот што воедно претставува и еден од неговите темели е што низ овие мерки кои ги презема Владата во делот на капиталните инвестиции во спортот низ изминатите години несомнено се заокружува еден концепт на создавање здрава нација преку развојот на сите сегменти и чинители кои го креираат севкупниот развој на спортот. Примерот којшто го покажува општина Штип со доуредувањето на просторот околу објектот е токму она што е дел за основните предуслови за успешно функционирање на истите со цел да имаме мотивирани граѓани кои во пријатна атмосфера ќе ги користат, рече Пујовски.

Премиерот Никола Груевски се очекува да го отвори и патот Штип  - вештачко езеро Мантово.