Груевски: Мерките за промоција и развој на техничките науки даваат резултати
Долгогодишните мерки што Владата ги спроведува во промовирањето и развојот на техничките науки даваат резултати, оцени премиерот Никола Груевски коj денеска на Универзитетот „Гоце Делчев“ ги пушти во употреба трите нови лаборатории во рамки на Научно-истражувачкиот центар.
Тој истакна дека Владата води една медиумска кампања со цел да се испрати порака до младите луѓе повеќе да се ориентираат кон техничките науки бидејќи, како што рече, иднината е токму таму, во вработување во нови производствени капацитети.
- Покрај тоа, отворивме и многу нови насоки од техничките науки. Даваме различни стипендии и различни можности. Купуваме и нови лаборатории и се на се како резултат на мноштво активности кои ги правиме, можам да кажам дека ако во учебната 2010/2011 година, односно во септември 2010 година се запишаа 20,9 или да речеме 21 отсто од вкупниот број студенти на техничките науки веќе во оваа последна учебна година се запишаа 28 проценти. Значи, од 21 на 28 проценти, имаме 7 отсто повеќе студенти кои се запишале на техничките науки, рече Груевски.
Тоа говори, како што посочи, дека ангажманот на Владата дава резултати и веќе имаме значајна бројка и тоа една четвртина повеќе од тоа што било претходно.
- Тоа е добро затоа што техничките науки во минатото беа прилично запоставени, луѓето беа влезени во една фаза на верување дека со општествените науки подобро ќе се просперира, а со техничките лошо и најверојатно тоа имаше и одредена подлога во времето на транзицијата кога наместо да се отвораат фабрики, тие се затвораа, рече Груевски.
Тој забележа дека е сега ново време, кога се отвораат нови фабрики во кои има нови работни места, а инвеститорите се повеќе бараат луѓе од техничките струки. Исто така на овој кадар, како што рече, му се дава и можност за отворање и создавање свои приватни бизниси.