Со сет мерки ќе се подобрува состојбата со сообраќајни незгоди

Состојбата со сообраќајните незгоди во земјава во последните три години е се позагрижувачка. За зголемување на безбедноста во сообраќајот Министерството за внатрешни работи објави сет мерки кои ќе почне да се спроведуваат веднаш и секојдневно, но и системски промени за подобрување на регулативата врз основа на искуствата во други држави кои се соочиле со слични состојби и успеале.

Ова го изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната тркалезна маса „Како до помалку сообраќајни незгоди со фатални последици“ во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), како дел од активностите за одбележување на Светски ден за сеќавање на жртвите во сообраќајните незгоди - 17 ноември.  

Во првите девет месеци од годината се случиле 3.140 сообраќајки, што бележи пораст од 2,3 отсто во однос на истиот период лани. Бројот на жртвите бележи 40 процентно зголемување, заклучно со септември 4.831 лицa кои настрадале и 140 лица го загубиле животот. Последните три години, како што информира министерката, во 12.714 сообраќајки повредени се 17.933 лица, а 444 загинале.

- Состојбата е загрижувачка, во последните три години бројките се се поопоменувачки и позагрижувачки. Во најголем дел од случаите причината за сообраќајната несреќа е човечки фактор. Tоа значи дека сите заедно треба да се свртиме кон учесниците во сообраќајот и да испратиме јасна порака дека правилата мора да се почитуваат. Учеството во сообраќајот не само што е неминовност, туку е и одговорност, нагласи Јанкулоска.

Анализите, додаде, покажуваат дека се повеќе млади луѓе во попладневните и вечерните часови учествуваат во сообраќајот, понекогаш со неприлагодена брзина, под дејство на недозволени супстанции, но речиси секогаш човечкиот фактор придонесува за повредени и за се повеќе жртви. Во тој контекст Јанкулоска најави зајакнати контроли и заострување на круитериумите за учество во сообраќајот. 

- Контрола во сообраќајот значи казнување на сите несовесни возачи, подобрување на регулативата за попрецизно определување на одредени правила и прописи, каде што сме забележале дека возачите грешат, заострување на круитериумите за учество во сообраќајот во смисла на техничката исправност на возилата и знаењето на возачите и апелите за задолжително користење на заштитна опрема. Пред се, на велосипедистите и велосипедистите со мотор, но и задолжително користење на безбедносните појаси кај возачите во автомобилите, бидејќи и тука статистиката потврдува дека бројката можеби немаше да биде толку лоша доколку возачите, совозачите и патниците доследно ги почитуваат правилата кои сега се во сила, рече Јанкулоска.

Констатацијата за алармантната состојба во сообраќајот, според Миле Димитровски од РСБСП, е прашање на сите граѓани.

- За да се постигнат резултати до крајот на годината треба да се применат барем три мерки кои произлегуваат од анализите - задолжителна употреба на безбедносните појаси, контрола на алкохолот и другите психотропни супстанци и почитување на брзината на движење во и надвор од населените места. На тој начин ќе се заштитат пешаците, возачите, но и сите учесници во сообраќајот, истакна Димитровски. 

Во рамки на глобалните напори за зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата и намалување на сообраќајни незгоди со фатални последици, Организацијата на Обединетите нации, го прогласи 17 ноември за Светски ден за одбележување и сеќавање на жртвите во сообраќајните незгоди.