Пуштено во употреба повеќенаменско игралиште во Општина Илинден

Во населбата Илинден денеска беше пуштено во употреба повеќенаменско игралиште, дел од владиниот проект за изградба на 100 повеќенаменски игралишта. Игралиштето располага со спортски реквизити и опрема за фудбал, кошарка, ракомет..., заградено е и осветлено за спортување и за натпревари во ноќните часови.

Игралиштето го пуштија премиерот Никола Груевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски и градоначалникот Жика Стојановски.

- Спортот е посебно значаен за младите општини како што е општина Илинден. Оваа општина има многу млади, има постојано зголемување на бројот на жители, а со тоа се зголемува и потребата од вакви спортски објекти, рече Груевски и додаде дека за игралиштето се потрошени седум милиони денари.

По изградбата и свечено пуштање во употреба, истакна Груевски, Владата преку Агенцијата за спорт и млади, игралиштето и го отстапува на Општина Илинден за да можат граѓаните да го користат во целост.

Владата, потсети тој, во изминатите неколку години инвестирала во изградба на нова спортска сала и четири тениски игралишта во образовно-спортскиот центар „Илинден-Марино“ и во две големи фудбалски игралишта во Марино и Кадино. Најави дека во план е изградба на уште едно повеќенаменско спортско игралиште во Кадино.

Груевски додаде дека во општина Илинден, покрај големиот број инвеститори, нови фабрики и фирми, забрзано се купуваат парцели во новите населби, се градат нови училишта, спортски терени, патишта, културни институции...

Преку ширењето на спортската култура, според Пујовски, се создава предуслов граѓаните во својата интеракција со спортот да ги прошируваат своите културни сознанија. 

- Со спортувањето се градат етичките вредности, соработката, тимската работа, почитувањето на другите, фер плејот, поради тоа што спортот обединува, рече Пујовски.

Градоначалникот Стојановски истакна дека со изградбата на овој објект жителите на Општина Илинден, пред се младите, ќе можат слободното време да го користат за спорт и рекреација и за организирање многубројни турнири.

Тој додаде дека развојот на спортот и физичката култура останува еден од приоритетите на Општина Илинден и најави оти во иднина ќе продолжи вложувањето во спортски објекти.