Груевски: Наградната игра со фискалните стимулира и ќе му помогне на стопанството

Новата наградна игра со фискалните сметки е добра. Граѓаните ќе ја прифатат со задоволство, а таа ќе му помогне и на стопанството, смета премиерот Никола Груевски. 

- Наградната игра е добра. Таа стимулира и дава мотив затоа што плаќањето ДДВ значи сузбивање на нелегалната конкуренција и му се помага на стопанството. На некој начин се знае дека се плаќа данокот и парите одат на вистинско место. Од тие пари подоцна се финансира образованието, здравството, инфраструктурата, патиштата... Така што мислам дека граѓаните со задоволство ќе го прифатат тоа, изјави премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање по присуството на пуштањето во употреба повеќенаменско игралиште во општина Илинден.   

Тој потсети дека наградната игра за собирање фискални сметки беше воведена уште во крајот на 2001 година и во текот на 2002 и опстојуваше речиси до самиот крај додека СДСМ не дојде на власт и не ја укина, по што, како што рече, не само што ја укина, туку не воведе ништо ново, и не почна да враќа ДДВ на граѓаните.

- Значи, луѓето си добиваа станови, дуќани, автомобили, добиваа работи за домаќинството – фрижидери, шпорети... и одеднаш дојде СДСМ, го укина тоа, бидејќи не требало тоа. Тоа си даваше свои резултати. Потоа мислевме дека ќе воведат нешто ново. Еве сега зборуваат дека ќе воведеле враќање на ДДВ. Имаа шанса да воведат кога ги укинаа наградните игри, но не воведоа. Не знам како очекуваат луѓето да им веруваат дека ќе воведат сега бидејќи кога беа на власт не само што не воведоа враќање на ДДВ, туку и им ја укинаа наградата игра на луѓето, истакна премиерот Никола Груевски.